„Пред неколку дена читам дека за одземен човечки живот се изрекуваат 13 години затвор, денес слушам и 11 години затвор. И прашувам јавно, зарем животот на мојата ќерка вредеше само две години? Барам правда. Иста правда за сите. Законите не смеат да се применуваат селективно. Солзите на еден татко во Тетово не се помалку болни од солзите на татко во Скопје. Детскиот живот нема град, нема националност, нема цена. Две години затвор за одземен живот не е порака за правда тоа е порака дека системот не нè гледа сите еднакво“, вели Круме Ристовски во писмото.
Тој вели дека по пресудата па досега, молчел, но не затоа што му поминала болката, туку затоа што зборовите понекогаш тежат повеќе од солзите.
„Јас сум татко на Теодора. Дете кое го загубив засекогаш. Дете кое имаше иднина, соништа и живот што не смееше да заврши така. Теодора беше добар ученик, посветена и вредна. Беше добар студент на Машинскиот факултет. И имаа останато уште два испити — и ќе станеше машински инженер. Една млада личност што се бореше за својата иднина со знаење и труд. Молчењето не значи помирување. Молчењето значи дека болката зрее. И ќе продолжам да зборувам. Не од омраза —туку од љубов кон мојата Теодора и од надеж дека ниедно друго семејство нема да ја доживее оваа неправда“, вели Круме Ристовски.
По сообраќајната несреќа во август 2022 година, на првото судење во ноември 2023 година по признавање на вина Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелацискиот суд Гостивар му ја намали казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укина двете пресуди и на Основниот суд Тетово и на Апелацискиот суд Гостивар и предметот го врати на повторно судење. На повторното судење во април 2025 година Пајазити доби две години затвор.






