среда, 11 јуни 2025
Интервју

Заранди: Ќе донесеме нова конкуренција што ќе го стимулира дигиталниот екосистем

Кон крајот на 2026 година македонските граѓани може да ја очекуваат првата телефонска линија на 5G мрежата, вели главниот стратешки директор на 4iG групацијата за мобилна и 5G Пал Заранди. Тој во интервјуто за МКД.мк, уште зборува за тоа како 4iG групацијата ќе ги оствари стратешките цели на македонската влада во овој сектор, како и за тоа дали и кога ќе влезе во медиумскиот бизнис. Компанијата Оне Македонија телекомуникации, основана од унгарската групација 4iG веќе поднесе писмо со намери за влез на македонскиот пазар и очекува дека најдоцна до крајот на летото ќе ги добие потребните лиценци за фреквенција.

Објавено на

часот

Сподели

Г-дине Заранди, кажете ни, зошто вашата компанија 4iG ја избра Македонија како следен чекор меѓу балканските земји и зошто сега влегувате на телекомуникацискиот пазар во Македонија?

„Пред нешто помалку од една година сфативме дека во Северна Македонија, пред сè, Владата сака да дозволи влез на нов оператор на пазарот за да се поттикне конкуренцијата. Потоа направивме почетно истражување и увидовме дека постои многу добар пакет на фреквенции што можеме да го добиеме, што е од суштинско значење. Без фреквенции, навистина не можеме да влеземе на еден пазар, така што тоа беше многу важно. Исто така, ја разгледавме состојбата, во врска со тоа што на пазарот постои независна таканаречена компанија за кули, така што можеме да ja користиме и нема потреба да градиме сопствени базни станици. Другата компанија е EuroTeleSites која е независна компанија. Бидејќи пред многу години се случи спојување на овој пазар, кога од три оператори останаа два, тие мораа да се согласат на одредени отстапки, како на пример, да обезбедат привремен пристап до нивната мрежа, таканаречен национален роаминг за нов оператор. И тоа е многу важно за нас. Ако ги погледнете сите овие околности, увидовме дека всушност постои добра основа за нас да влеземе на пазарот. Тогаш го започнавме процесот, ангажиравме локални експерти и меѓународни консултанти уште минатата есен за да го разбереме пазарот и да го подготвиме бизнис планот. Веќе во декември започнавме да соработуваме со регулаторот, како и со компанијата за кули, EuroTeleSites. Ни беше потребно извесно време да работиме на овој процес, а сега е моментот да продолжиме напред. Во април годинава, повторно се обративме до регулаторниот орган и побаравме започнување на процесот за одобрување на фреквенцијата. Тоа е досега што е сработено. Се надеваме дека процесот ќе тече непречено и дека наскоро ќе можеме да влеземе на пазарот. Основавме правен субјект уште во октомври минатата година, и сега работиме на избор на локален менаџмент, за да имаме тим на терен. Сакаме да вклучиме локални експерти, македонски експерти, но и експерти од Унгарија, и затоа сме во процес на проширување“, појаснува Заранди.

Споменавте и други компании, но што ја прави 4iG кредибилна компанија која заслужува да биде трет оператор?

„Во изминатите четири години, откако започнавме да влегуваме на пазарите во Унгарија, Албанија, Македонија и Црна Гора, веруваме дека изградивме многу кредибилен и успешен резултат. Направивме ребрендирање, воведовме нов бренд, ги трансформиравме мобилните мрежи, добивме неколку лиценци за фреквенции, вклучително и 5G лиценци во Црна Гора и Албанија. Се етаблиравме како водечки играч. Навистина интензивно инвестираме во мобилната инфраструктура и 5G технологијата. Многу сме успешни на комерцијален план. Ние сме сериозна компанија, со база од над 10 милиони корисници, фиксни и мобилни. Нашите приходи минатата година изнесуваа приближно 1,8 милијарди евра. Така што, станува збор за сериозна компанија со силно знаење и експертиза во телекомуникациите, која сакаме да ја искористиме тука. Нашето знаење што го стекнавме во Црна Гора и Албанија, сакаме да го примениме и овде. Покрај телекомуникациите, имаме силни ИТ компетенции, а исто така ја зголемуваме нашата присутност и во вселенската и одбранбената технологија. Веруваме дека сме кредибилен играч, не само во телекомуникацискиот простор за влез во Македонија, туку откако ќе го направиме тоа, тоа ќе биде платформа за раст на други сегменти, за да се прошириме повеќе во оваа дигитализација. Во суштина, двајца многу високи претставници од поранешната администрација на американскиот претседател Доналд Трамп му се придружија на нашиот советодавен одбор. Работиме многу блиску со нив, не толку во делот на телекомуникациите, туку во областа на вселенските и одбранбените технологии. Претседателот на нашиот советодавен одбор се сретна со Елон Маск. Овие се многу важни делови од нашата приказна. Кога станува збор за комуникациите преку вселената, тоа има одредена поврзаност со мобилната мрежа и телекомуникациите. Затоа што се повеќе и повеќе сателити се користат за комуникации“, вели Заранди.

Значи ли тоа дека нема да се ограничите само на телекомуникацискиот пазар, можеби подоцна ќе влезете и во медиумскиот бизнис?

„Во однос на медиумскиот бизнис, не би рекол конкретно да, но дефинитивно кога влегувате на телекомуникацискиот пазар, треба да обезбедите и некои ТВ пакети, што значи содржина, и тоа е нашиот план. Но, ќе дадам и друг пример. На пример, во Унгарија, нашиот ИТ сектор во соработка со унгарската влада, нуди услуга која ја даваме практично бесплатно, на сите стари луѓе над 65 години. Ја нарекуваме ‘грижа и нега за стари лица’, па ако имате итен случај, притискате копче и добивате поддршка во итни ситуации. Во Унгарија, ние ја обезбедуваме оваа услуга, што е убав пример за соработка помеѓу нашиот ИТ сектор и телекомуникациите, затоа што за ова ви е потребна 4G, 5G поврзаност. Во моментов имаме над 750.000 корисници кои ја користат оваа услуга.  Во Унгарија, ние обезбедуваме и критични комуникациски услуги за полицијата и за државата, како и за итни служби, кои исто така ја користат нашата мрежа. Ова не е традиционална телекомуникациска услуга, но е уште еден пример за нашата визија што оди надвор од рамките на телекомуникациите, она што сакаме да го направиме, не само во Унгарија. Дали е можно тоа и овде во Македонија? Ова е пример што дефинитивно ќе се обидеме да го развиеме и во Македонија, но првиот чекор е телекомуникацијата, поточно мобилната и 5G мрежата и бизнисот што треба да се постави.Нашиот главен фокус е да ги добиеме фреквенциите и да ја воспоставиме мобилната операција овде“, потенцира Заранди.

Какви се вашите планови? Планирате ли да работите со ваша компанија или можеби ќе се обидете да се споите со некои други постоечки компании овде во Македонија?

„Во поглед на главниот дел, сакаме да го направиме тоа сами. Како што споменав, сигурно ќе користиме партнери, на пример, EuroTeleSites, со кои потпишавме писмо за намера, така што не сакаме да градиме наши сопствени челични и бетонски кули, туку можеме да ги користиме нивните кули. Но, сакаме да ги користиме нашите сопствени фреквенции и да користиме наша опрема за мрежата. Кога станува збор за помали потенцијални аквизиции, не ги исклучуваме, на пример, има неколку помали компании на пазарот, кои можат да бидат на комерцијалната страна, како канали за пласман на пазарот, или на технолошката страна, но тоа не е главен фокус сега, главниот фокус е да ја изградиме нашата сопствена мобилна операција“, дециден е Заранди.

Во врска со тоа, на кој начин планирате да ги поддржите дигиталните цели на Македонија, односно стратешките цели на владата?

„Дигиталните цели на владата се прецизно дефинирани прикажани преку т.н. обврски за покриеност. Регулаторното тело, јасно ги прецизираше роковите во однос на тоа колку бргу новата мрежа треба да биде имплементирана. Затоа, треба да изградиме 5G мрежа. Нашата предност е што не користиме т.н. наследени технологии. Постoечките оператори имаат 2G, 4G, комплицирани системи, додека ние можеме да имплементираме најнови технологии – автентична 5G, најнапредна 5G технологија. Веруваме дека тоа ќе ни даде предност и дека всушност ние ќе бидеме конкурентната сила која ќе ја води технолошката иновација на овој пазар. Тоа е важно, бидејќи мобилната и 5G технологијата, како што спомнав претходно, ќе бидат платформа за многу други вертикали, како е-здравство, различни Интернет на нештата (IoT) решенија, дронови, многу различни индустрии понатаму, па дури и вештачка интелигенција. Преку ова, ќе поттикнеме иновација и конкуренција на овој основен, носечки слој, и се надеваме дека тоа пошироко ќе придонесе на целата економија и општество“, објаснува Заранди.

Звучи убаво, но дали се соочувате со некои проблеми?

„Засега сме во подготвителна фаза, а интеракциите со Владата и со регулаторното тело беа одлични – немавме никакви проблеми таму. Сега, се надеваме дека ќе ја добиеме лиценцата и ќе почнеме со тешкиот дел од работата, воспоставување на операции, поставување базни станици. Се надеваме дека целиот процес ќе тече непречено. Се надеваме дека регулаторната рамка ќе биде многу поддржувачка. Работевме со локални експерти кои многу добро го познаваат пазарот и тие не ни посочија никакви поголеми проблеми, што ни дава оптимизам, но, ќе видиме“, претпазлив е Заранди.

Какво е вашето искуство во Албанија и Црна Гора? Дали е исто како во Македонија или има некои разлики?

„Би рекол дека слично е тоа што сме многу задоволни од знаењето и компетенциите на нашите колеги и во Албанија и во Црна Гора – кадри кои ги затекнавме со самите аквизиции на компаниите. Тука, во подготовките со локалните експерти со кои соработуваме, многу сме задоволни од нивното знаење и професионални способности. Кога влеговме во Црна Гора, првата странска земја за нас – нормално, сѐ беше ново, процеси, култура, сѐ. Но, мислам дека научивме како да го менаџираме тоа. Всушност, културолошки, Албанија и Црна Гора се малку различни, но веруваме дека тоа добро го совладавме. Имавме и две големи ребрендирања, воведовме нови брендови и немавме оперативни проблеми. Па, не би можел да посочам некоја значителна разлика од моја перспектива помеѓу Македонија и тие земји. Во Унгарија, пак, ситуацијата е малку поинаква. Професионално гледано, таму купивме компанија од Водафон груп, која беше дел од голема групација. Тоа значи дека менталитетот на вработените беше таков што беа навикнати да работат според строги насоки. Во Црна Гора беше слично, но во помал обем – стануваше збор за помала групација. Во Албанија пак, купивме компании кои не припаѓаа на голема групација“, вели Заранди.

Чинам во Албанија работевте со Ериксон?

Да, соработуваме со Ериксон. Потпишавме голем нов рамковен договор за 5G кон крајот на минатата година – во вредност од речиси 50 милиони евра. Многу сме задоволни од нив. Всушност, во овој проект веќе вклучивме многу албански колеги во подготвителната фаза, како од инженерскиот, така и од комерцијалниот аспект. Веруваме дека тоа претставува важна синергија. Затоа сакаме, колку што е можно повеќе, да ги користиме албанските колеги при поставувањето на оперативните активности. Многу е интересно што Црна Гора работи само со оператор кој работи исклучиво мобилно. Тоа е многу ефикасна и лесна структура, со само неколку стотини вработени. Во однос на начинот на водење на една ефикасна и рационализирана оператива, тоа е добар пример и добра поука од која можеме да научиме. Сметаме дека фактот што веќе сме присутни и во Албанија и во Црна Гора претставува значаен фактор за успех на овој проект, за да успееме и во Македонија“, уверува Заранди.

Врз основа на досегашното искуство, што мислите, кога можеме да ја очекуваме првата телефонска линија на 5G мрежа во Македонија?

„Во согласност со обврските што регулаторното тело планира да ги постави, тоа би било некаде кон крајот на следната 2026 година. Тоа е амбициозно, бидејќи треба да поставиме многу, многу комплексни системи. Затоа ова е амбициозна цел. Но, токму кон тоа целиме и тоа треба да се рефлектира и во нашиот бизнис план“, заклучува во интервјуто за МКД.мк, главниот стратешки директор на 4iG групацијата Пал Заранди.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ