понеделник, 26 јануари 2026

Започнува изградбата на две монтажни катни гаражи во Клиничкиот центар, информира Ѓорѓиевски

Две монтажни катни гаражи добива Клиничкиот центар во Скопје со што трајно се решава проблемот со паркирањето, објави на својот фејсбук профил градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Објавено на

часот

Сподели

Денеска, посочува градоначалникот, заедно со министерот за здравство, Азир Алиу, како и со стручните тимови од ЈП „Градски паркинг“ и Град Скопје, бил одржан координациски состанок со кој официјално се отпочнува со процесот за изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

„Со реализацијата на овој проект кој ќе го изведува градот Скопје, ќе се обезбедат околу 500 нови паркинг места, со што конечно се става крај на долгогодишниот хаос со паркирањето во и околу Клиничкиот центар. Ова е конкретно, функционално и трајно решение кое директно ќе го олесни секојдневието и работата на здравствените работници, но и пристапот на пациентите од целата држава кои секојдневно доаѓаат на лекување. Изградбата на монтажните гаражи ќе овозможи подобра организација на сообраќајот, слободен и непречен пристап за итната медицинска помош и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот, со почитување на јавниот простор и современите урбанистички стандарди“, потенцира Ѓорѓиевски.

Овој важен инфраструктурен зафат, истакнува Ѓорѓиевски, е во координација со премиерот Христијан Мицкоски, за кој, како што пишува градоначалникот, има поддршка, а тоа „претставува јасен сигнал за заедничка посветеност кон решавање на реалните проблеми на граѓаните и унапредување на здравствениот систем“.

„Со заедничка работа, координација и јасна визија, чекор по чекор градиме функционални и одржливи решенија во интерес на граѓаните. Ова е само дел од она што следува. Скопје ја живее новата ера“, објави градоначалникот Ѓорѓиевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ