понеделник, 2 февруари 2026

Започна судењето за „Онкологија“ – Васев, Црвенкова и Јакимовски одбиваат вина, Пешевска призна вина

Здравиот има многу желби, а болниот само една, а тоа е да оздрави. Болните и нивните семејства имале доверба во обвинетите дека ќе ја добијат потребната терапија и нивното здравје нема да биде нарушено, изјави обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, во воведниот говор за случајот „Онкологија“, против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, кој заедно со уште тројца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.

Објавено на

часот

Сподели

Обвинителката Гоговска Јакимовска најави дека пред судот, ќе изнесе докази дека првообвинетиот Никола Васев свесно и систематски постапувал спротивно на основните начела, притоа предизвикувајќи тешко нарушување на здравјето на пациентите.

„Обвинетиот извршил повеќе исти дејствија, со што грубо ги прекршил стандардите и препораките на светските и европски онколошки процедури. Обвинетиот без конзилијарна одлука спроведувал и одобрувал терапии со несоодветно дозирање и аплицирање, и без оценка на перформанс статусот и биохемиски параметри на пациентите. Ќе покажеме дека терапиите биле препишувани дури и кога не биле потребни, а со тоа и штетни, без можност за развивање терапевтски ефект“, изјави Гоговска Јакимовска.

Дополнително обвинителство, рече таа, ќе докаже дека ова несовесно постапување било овозможено со директна работа со второобвинетата Мери Пешевска, која во рамки на својата небрежност и постапување му дала свои лозинки за пристап до системот и на тој начин му овозможила финализирање на терапии без соодветен пристап.

„Онколошкото лекување бара исклучително постапување, бидејќи станува збор за интензивни терапии каде грешките може да имаат фатални последици. Неследење на меѓународни онолошки упатства, отсуство на конзилијарно одлучување, неправилности при дозирање лекови, давање терапија надвор од дозволеното, пропуст за земање предвид на параметри“, рече обвинителката.

Таа најави дека пред судот ќе изнесе докази кои недвосмислено докажуваат дека обвинетите во својство на лекари – специјалисти по онкологија во критичниот период сториле кривично дело „несовесно лекување на болни“.

„Со постапување спротивно на стручно утврдени постапки, без соодветно конзилијарно мислење… давале неподобни терапии, често со несоодветна доза, кои биле не само неефективни, туку и штетни. Ќе докажеме дека не се изолирани грешки, туку образец на несоодветно постапување што резултирало со штета по животот на пациентите. Ќе покажеме дека не ги почитувале професионалните обврски, туку дејствувале со очигледна несвесност и неодговорност. Ваквите нивни дејствија не биле само пропуст, туку со криминални последици. Ќе бараме правдата да биде задоволна во име на законите, пациентите и хуманоста“, порача обвинителката.

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, кој заедно со уште тројца онколози Мери Пешевска, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, сите вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.

Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.

На денешното рочиште, обвинетиот поранешен директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, пред Основниот кривичен суд Скопје рече дека не се чувствува за виновен.

„Не, апсолутно не“, одговори Васев, на прашање од судот дали се чувствува виновен за кривичните дела кои му се ставаат на товар.

Во судница присутни се и останатите тројца обвинети Мери Пешевска, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, сите вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје.

Пешевска призна вина, додека Црвенкова и Јакимовски, рекоа дека апсолутно не се чувствуваат виновни и дека за секој пациент се бореле како за себе и тоа ќе го докажат во текот на постапката.

Пешевска, пред Судот рече дека за седумтемина пациенти за кои е обвинета не е сигурна дека таа ја продолжувала терапијата зошто, како што рече, нејзиниот печат во тој период стоел на шалтер и тоа го направила со цел побрзо и да не чекаат пациентите.

„Совесно и одговорно тврдам дека мојата лозинка во системот и печатот сум ги оставила на шалтер и ги користеле практиканти и ја прифаќам вината“, изјави Пешевска,

На почетокот, судијката Снежана Марковска, информираше дека приговорите на одбраната за вештачењата изработени во Словенија и Србија, се одбиваат како неосновани.

„Не се дозволува издвојување на вештачењата од списите на доказите по предметот. Со оглед дека се доставени замолници за меѓународна правна помош до надлежните органи согласно законите за меѓународна правна помош, судот цени дека доказите се прибавени на законите начин“, изјави судијката Марковска.

Судот на почетокот го одби и барањето за спојување на постапката од страна на одбраната на Нино Васев со предметот што се види против него и економскиот директор на Онкологија, Нехат Нухи.

Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска во однос на предлогот рече дека од доказите набавени во истражната постапка е донесена одлука за поднесување на две засебни обвиненија од објективни причини.

„Природата на кривичните дела воопшто не е иста и доказите кои ги цитирате не се во голем број за да направат суштинска разлика. Обвинителството смета дека е поцрлисходно постапките да се одвоени и да се водат засебни“, изјави Гоговска Јакимовска.

Одбраната на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, рече дека против Васев се води „некој вид на заговор“ и дека во целост ќе се спротивстават и ќе ги побијат доказите на Обвинителството преку основани и цврсти докази, вклучително и вештачења и вербално сослушување на
докторите Даворин Милосављевиќ од Белград, Србија и Маја Радник, од Марибор, Словенија, кои ги изработиле вештачењата на Обвинителството.

Како вербални докази, адвокатот на Васев рече дека, предлагаат сослушување на вештите лица од Словенија и Србија што го изработиле вештачењата за Обвинителството во предметот, со оглед на одлуката на Судот за одбивање на барањето за нивно вештачење, како прибавено на незаконит начин.

„Имаме јасна цел да докажеме дека обвинетиот Никола Васев професионално и законито ја извршувал својата професија и работни задачи на Клиниката за онкологија. Преку сослушување на овие лица покажуваме јасна намера дека не ни е целта вознемирување на јавноста во нашата држава и на тој начин да ја градиме одбраната, туку сведоците да посочат за работењето на Клиниката, односно за постоењето и следењето на протоколи на Клиниката, како и на правилно извршување на задачите на обвинетиот“, изјави адвокатот на Васев.

Васев, кој пред Основниот кривичен суд Скопје рече дека не се чувствува за виновен, реагираше и дека „се дозволило во постапката вешто лице што јас сум го сменил од директор на Клиниката кога сум станал директор 2017 година“.

„Зошто не се опфатени првите шест месеци од мојот мандат… Многу едноставно, зошто наследив долг од 1,7 милиони евра и на крајот од годината завршиме со долг од 30 илјади евра. Тоа лице што ги направило тие долгови и реверзи на лекови што ги наследив не може да биде вешто лице во мојот случај, а сум го сменил од директорско место за нестручно работење“, изјави Васев.

Васев, пред Судот, исто така посочи дека има 35 години работно искуство со 1.000 пациенти годишно, „членство во сите европски институции за изработување на сите тие протоколи за кои ме обвинуваат, повеќе од десет авторски трудови со најголем импакт фактор, единствен од Македонија што има авторски труд во Ланест, баш за употреба на имунотерапија“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ