сабота, 6 декември 2025

Започна судењето во Штип за убиството на турскиот државјанин, одбраната бара преиначување на делото

Почна судењето за убиството на турскиот државјанин, кој беше убиен на 8 мај во кафуле на Градскиот плоштад „Слобода” во Штип. Судењето на петмината обвинети, од кои еден за убиство, а четири лица како помагачи за извршување на убиството почна под силно полициско обезбедување. Четворица од обвинитете беа спроведени од затворот во Куманово.

Објавено на

часот

Сподели

Поради големиот интерес на медиумите и на роднините на обвинетите од земјава и од Турција, судското рочиште се одвива во големата судница на Апелациски суд во Штип. Судијката Јулијана Недкова од Основниот суд Штип го почна првото судско рочиште.

Обвинителката од Основното јавно обвинителство во Штип, Билјана Тошева Анакиева на почетокот на судењата за петмината инволвирани во убиството на турскиот државјанини истакна дека ќе докаже дека убиството е сторено на дрзок начин во кафуле на Градскиот плоштад „Слобода“-Штип. Таа истакна дека имаат докази за сторените кривичните дела на обвинитетите во овој случај.

Од обвинителката беше посочено дека на 8 мај 2025 година е извршено дрско, организирано убиство со логистичка поддршка, свесно и активно. Првоосомничениот извршител на убиството бил со непријавен престој во државата, со оружје за кое немал дозвола, осудуван во Турција за кривични дела убиство и недозволено држење на оружје. Второ и третоосмничените исто така биле осудувани во Република Турција, а во Македонија се претставувале со лажен идентитет. Затоа Обвинителството побара строга казна за извршеното дело.

Одбраната на обвинетите, пак во своите воведни зборови побара кривичното дело да се преиначи во „убиство на миг“ и дека се направени пропусти, па затоа побара делото да биде класифицирано како „убиство на миг“. Шенаи Османов бранител на првоосомничениот и четвртоосомничениот изјави дека обвинението е невистинито, со приложени докази за тоа.

„Денеска имавме прилика да видиме добро составено обвинение од страна на ОЈО Штип, но за жал истото не е вистинито. Ние како одбрана увидовме низа на пропусти во обвинението и сметаме дека ОЈО Штип со ваквото обвинение не докажува разумно сомневање. Како одбрана ќе ја докажеме вистината дека ниту убиството е сторено со умисла, а ниту, пак, соизвршителите се помагачи во ова кривично дело“, рече Османов.

Тој истакна дека сега убиениот турски државјанин бил познат по своето насилно однесување, закани и уцени кои ги правел кон турските студенти во Штип, а и тој имал лично поднесено кривична пријава против него, но како што тврди Обвинителство не презело ништо.

Основното јавно обвинителство-Штип на 4 октомври поднесено обвинение за случајот. Според обвинението, по спроведена истражна постапка, ОЈО Штип поднесе обвинителен акт за петмина турски државјани инволвирани во убиството на Енес Оздемир од Турција во мај годинава.

„Еден од обвинетите се товари за директно извршување на кривичното дело – убиство од член 123 став 1, како и за неовластено држење на оружјето со кое било извршено убиството. Тројца од обвинетите му помогнале да го изврши кривичното дело и ќе одговараат за убиство во врска со членот 24, додека една обвинета се товари за помагање на сторителот по извршување на тешкото кривично дело. Првообвинетиот 21- годишник без регулиран престој во државава, на почетокот на мај од непознато лице во Скопје, неовластено купил полуавтоматско огнено оружје – пиштол со избришани податоци за модел и сериски број. Преку мобилни апликации се договорил со оштетениот на 8 мај да се сретнат во кафе бар во центарот на Штип, седнале на една од масите во аголот од летната тераса на кафе барот и разговарале околу 15 минути. Во еден момент обвинетиот отишол до тоалетот и веднаш се вратил, го извадил пиштолот и започнал да пука кон оштетениот, нанесувајќи му шест огнострелни повреди од кои починал“, се вели во соопштението од ОЈО на 4 октомври.

Во него се наведува дека тројца обвинети, иако знаеле и биле свесни за неговите намери да го лиши од живот оштетениот, му обезбедиле логистичка поддршка за извршување на делото.

Кога првообвинетиот пристигнал во Скопје, на 30.04 му обезбедиле сместување во станот кој и тие го користеле подолг временски период претходно, а му помогнале и преку засега непознати лица да го набави пиштолот. На денот на убиството, со возило на еден од обвинетите, заедно го превезле до Штип.

„По извршување на убиството, со цел да не бидат откриени, ја повикале и петтата обвинета да ги превезе со друг автомобил во нејзина сопственост, па сите заедно се упатиле кон Скопје. Кога пристигнале пред наплатната рампа за патарина ‘Миладиновци’ и кога забележале дека на патарината е поставено полициско возило кое врши контрола, обвинетата иако знаела дека првообвинетиот е извршител на убиство и по него се трага, се обидела да му помогне да не биде откриен и фатен. Таа го запрела возилото на околу триста метри пред патарината, овозможувајќи му на директниот извршител да излезе и да почне да бега надвор од коловозот, покрај автопатот, каде подоцна бил пронајден и уапсен. Останатите продолжиле да се движат со возилото кон патарината и биле запрени од полициските службеници, кои започнале да ги легитимираат и да вршат преглед над возилото. Иако се обиделе да се дадат во бегство, сепак за кратко време биле фатени и лишени од слобода“, пишува во соопштението од ОЈО Штип.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ