сабота, 5 април 2025

Започна постапката во Собрание за забрана на пиротехника во затворен простор, донесени измените на Законот за пензиско и инвалидското осигурување

Со 87 гласа „за“, без гласови „против“ и без воздржани во Собранието беше поддржан предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, по скратена постапка, поднесен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Објавено на

часот

Сподели

Откако беше усвоен заклучокот да се поддржи, во рамки на 42-тата седница, предлогот ќе биде проследен на разгледување во собраниската комисија за одбрана и безбедност и во Законодавно-правната комисија.

Предлогот со кој се интервенира во Законот за прекршоците против јавниот ред и мир е резултат на трагедијата со пожарот во дискотеката во Кочани на 16 март, во кој загинаа 59 млади луѓе и околу 200 беа повредени.

Причините за итните измени ги образложи пратеникот Тони Јаревски, кој ги повика сите пратеници да се вклучат во донесувањето на измените на законот.

„Констатиравме многу пропусти кои треба да се надминат за да нема импровизации кои ќе резултираат со вакви хаварии и несреќи“, кажа Јаревски.

Како што рече, со измените на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, „се стеснува обрачот“ односно се забранува користење експлозивни материи – пиротехнички средства во затворен простор. Се менува и регулативата – двојно ќе бидат зголемени глобите за прекршителите доколку не се почитува забраната, а ако прекршокот се повтори, се предвидува и притвор.

Со измените е предвидено и полицијата да добие зголемени надлежности при постапување и при превенција на нарушување на јавниот ред и мир.

Во процес е подготовка на нов закон за експлозивни материи за цивилна употреба од страна на надлежното министерство и со овој предлог се прави интервентна измена на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир до донесување на новите законски решенија со кои детално ќе бидат регулирани сите аспекти поврзани со експлозивните материи за цивилна употреба, во кои се опфатени и пиротехничките средства.

Пред 42-та седница, Собранието ја заврши 38-та седница која почна со оддавање почит на настраданите во трагедијата во Кочани со едноминутен молк од присутните пратеници.

На 42-та седница не беа прифатени два предлога на пратениците од Левица – по скратена постапка да се донесат измени на Законот за работните односи.

Првиот предлог, кој го образложи Амар Мециновиќ, се однесува на продолжување на мајчинското породилно отсуство од девет на 18 месеци, без разлика дали се работи за едно или за повеќе новороденчиња, или за посвоено бебе.

Мециновиќ укажа дека ова е од национален интерес и едно од решенијата за демографската криза и за негативниот прираст во државава.

Не беше прифатен ни вториот предлог на Левица за измена на Законот за работните односи – за платите во државава да се исплаќаат до 5-ти во месецот.

„Ако тоа може за нас, треба и за сите останати кои нѐ избрале да ги претставуваме“, рече  пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, образложувајќи го предлогот.

Во продолжението на денешната 38-ма седница Собранието го донесе законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидското осигурување. Седницата почна со едноминутно молчење и оддавање почит на настраданите во пожарот во дискотеката во Кочани, во кој загинаа 59 лица, а над 190 беа повредени.

Со измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се става вон сила системската одредба на член 37 за усогласување на пензиите во периодот од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година. Во овој период пензиите се зголемуваат во фиксен износ од 2.500 денари на 1 септември 2024 година и 1 март 2025 година, стои во образложението на законот. Исто така се уредува еден од условите за именување на директорот, односно заменик-директорот на Фондот, кој се однесува на поседување на уверение, сертификат и/или потврда со кои се докажува познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија.

Пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска забележа дека измените во условите за именување на директор и заменик директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се поради немањето квалитетни кадри за таа функција власта да стави, како што рече, партиски полтрони.

Во однос на делот за усогласувањето на пензиите, Тренчевска посочи дека примателите на пензии кои го стекнале правото на пензија во државата, но пензијата им се исплаќа во друга држава се исклучуваат од можноста за усогласување на пензиите.

„Пензионери кои оствариле такво право се 9.981 лице и уште 2.000 кои во моментот се исклучени поради доставувањето потврда за живот. Вкупно околу 12.000. Најголем дел од нив, односно 5.737 лица се од Србија, во Косово има околу 1.000, а останатите се во други 30 држави. На сите заедничко им е што работеле во Македонија, плаќале придонеси и го оствариле правото на пензија во земјава. Тоа се лица кои согласно ратификуваните меѓународни договори оствариле право на пензија со збир на стаж во двете договорни страни односно во Македонија и земјата со која имаме потпишано договор за социјално осигурување и каде што им се исплаќаат пензиите“, истакна Тренчевска.

Со измените, нагласи, им се скратува можност за усогласување на пензиите не само сега во март, тука засекогаш.

„Се бришат како да не постојат од правото за усогласување на пензиите, а со тоа и нивниот раст. Ќе останат сè додека ја примаат пензијата со вредноста која во овој момент ја добивале“, рече Тренчевска.

Со измените забележа дека им се дава можност на државите со кои имаме потпишано договори за социјално осигурување истото да го направат и за наши граѓани кои работеле во некоја од нив, а своите пензионерски денови решиле да ги поминат, да се вратат во Македонија.

„Македонија има потпишано и ратификувано договори за социјално осигурување со сите земји во кои се исплаќаат пензиите на овие 12.000 граѓани. И во најголем дел од нив постои одредба со која се овозможува еднаков третман на граѓаните во двете земји на договорните страни, односно и дека при примената на правните прописи на една договорна страна ќе бидат изедначени државјаните од друга договорна страна, кои остваруваат одредено право согласно договорот, особено се истакнува во делот на пензиите“, рече Тренчевска.

Пратеничката на ВМРО – ДПМНЕ, Ангелинка Петкова во реплика нагласи дека со измените се покачуваат пензиите на пензионерите за 2.500 денари и оти тоа е второ покачување од септември минатата година. Таа подвлече дека тоа што го ветувале и го исполнувале навраќајќи се на проектите релизирани во претходниот мандат на ВМРО – ДПМНЕ.

„А вие им ги намаливте пензиите. Пензиите беа под нивото на социјална помош. Од вкупно 320.000 пензионери, 170.000 имаа пензија под просечната, еднаква на социјална помош. Осумдесет и девет илјади земаа пензија под 9.000 денари, затоа ви се случија протестите, пензионерите беа незадоволни“, рече Петкова.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ