Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во изјава за медиумите рече дека следната недела се очекува да започне и тендерската постапка за втората фаза.
„Тука сме на почеток на градежните активности на булеварот ‘Македнија’, нешто за што се говори години наназад, почнуваме со првиот од четирите чекори. Рокот на изведба е 90 дена, а од следната недела ќе ја почнеме тендерската постапка за втората фаза. верувам дека веднаш по завршување на првата фаза, ќе започнеме со реализација на втората фаза“, рече Ѓорѓиевски.

Како што појасни Ѓорѓиевски, станува збор за вкупно пет фази, преку кои овој комплексен капитален зафат треба да биде целосно реализиран.
„Иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази, од кои првата започнува токму денес. Во рамки на оваа фаза ќе се изврши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти, со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот го опфаќа булеварот ‘Борис Трајковски’ (кај Рампа), улицата ’11 Октомври’, улицата ‘Пролет’, како и крак од булеварот ‘Македонија’ до влезот во булеварот ‘Борис Трајковски’, каде што завршува со вклинување во постоечкиот профил и продолжува кон втората фаза. Во оваа етапа се предвидува и проширување на улицата ‘Пролет’ во правец од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три острови во форма на солза.
На потегот од улицата ‘Пролет’ кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот ‘Борис Трајковски’, се воведува еднонасочен сообраќај, а на раскрсницата меѓу булеварот ‘Борис Трајковски’ и улицата ’11 Октомври’ ќе бидат поставени нови, современи семафори“, кажа Ѓорѓиевски.
Дополнително, проектот во другите фази, предвидува изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на бул. Св. Кирил и Методиј.
„Овие сообраќајни решенија ќе овозможат побезбедно, порастоварено и поефикасно одвивање на сообраќајот, во согласност со современите европски стандарди. Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација, со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници, што претставува значаен чекор кон поотпорна и одржлива урбана инфраструктура“, рече Ѓорѓиевски.
Подземната сообраќајница ќе располага со вкупно шест ленти, четири за двосмерен автомобилски сообраќај, две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на сообраќајниот метеж, побрзо и поефикасно движење низ центарот на градот, како и создавање на поуреден, побезбеден и покомфорен урбан простор.
„Овој проект претставува ново поглавје во развојот на Скопје. Со воведување на современи инфраструктурни решенија кои досега не биле карактеристични за градот, Скопје прави одлучен чекор кон модерен, функционален и вистински европски град. Скопје го правиме заедно. По скопски!“, рече Ѓорѓиевски.
Тој се надева дека до крајот на неговиот мандат ќе заврши целосната изградба на овој булевар.