Со стапувањето во сила на ЕЕС системот земјите членки на Шенген зоната ќе започнат со електронско регистрирање на податоците на државјаните на трети земји што не се дел од ЕУ, меѓу кои и македонските граѓани, кога ги преминуваат надворешните шенгенски граници за престои до 90 дена. Имплементацијата на системот на сите копнени премини, аеродроми и пристаништа треба да заврши во период од шест месеци.
За време на периодот на постепено воведување на ЕЕС, земјите членки на Шенген зоната можат самостојно да одлучат на кои гранични премини ќе го имплементираат системот и кога. Целта на ваквиот пристап е да им се овозможи на граничните власти, транспортната индустрија и патниците да се прилагодат на новите процедури.
По истекот на шесте месеци, односно од 10 април 2026, ЕЕС системот ќе треба да се применува на сите гранични премини, а процедурата на ставање печати во пасошите ќе биде заменета со електронски записи во системот. Во текот на шестмесечниот транзициски период на ЕЕС практиката на ставање печати во пасошот ќе продолжи.
Со ЕЕС се очекува да се обезбедат веродостојни податоци за граничните власти, што ќе им овозможи систематски да откриваат лица кои го пречекоруваат дозволениот период за престој, како и случаи на измама со патни документи и идентитет.
Според Европската комисија, со целосното автоматизирање на гранични проверки ќе се обезбеди полесно и побезбедно минување на границите за сите.
Со новиот систем ќе се регистрираат податоци за пасошите на државјаните од земји кои не се членки на ЕУ, ќе ми бидат фотографирани лицата и ќе им бидат земани отпечатоци од прстите при нивното прво преминување на граничните премени по имплементацијата на ЕЕС. При секое наредно преминување ќе биде потребна само брза верификација на нивниот идентитет преку ЕЕС системот.
Новиот систем ги исполнува највисоките стандарди за заштита на податоците и приватноста, осигурувајќи дека личните податоци на патниците ќе бидат заштитени и безбедни.
Во пресрет на почетокот на имплементацијата на ЕЕС системот, македонското Министерството за внатрешни работи им препорача на сите наши граѓани кои од денеска планираат да патуваат во земја од Шенген зоната да се запознаат со новите правила и процедури, со цел да се осигурат дека нивните патувања ќе бидат навремени, безбедни и без непотребни одлагања.
Со ЕЕС системот ќе стане полесно да се следи кој ги преминува нашите граници, порача данскиот министер за имиграција и интеграција Расмус Стоклунд по повод денешниот старт на имплементацијата на новиот систем, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.
„Од клучно значење е да одржуваме ефикасна контрола врз државјаните на трети земји што влегуваат во Шенген зоната, за да можеме да ја зајакнеме безбедноста на надворешните граници. Со ЕЕС системот ќе стане полесно да се следи кој ги преминува нашите граници“, порача Стоклунд.
ЕЕС системот, кој од денеска е оперативен во 29 европски земји – сите членки на ЕУ, без Ирска и Кипар, и плус Исланд, Норвешка и Швајцарија, се очекува да ја зајакне безбедноста на границите и да ја зголеми ефикасноста за патниците при минување преку граничните контроли.
Со новиот систем дигитално ќе бидат евидентирани секој влез и излез на државјаните од трети земји кои не се дел од ЕУ во членките на Шенген зоната, при што од нив ќе бидат земани податоците од пасошот и отпечатоци од прсти и ќе бидат фотографирани при првото минување на границата по стапувањето во сила на ЕЕС.
Преку дигитално регистрираните пасошки и биометриските податоци, EEС ќе нуди информации во реално време за тоа дали лицата кои ја минуваат границата го почитувале дозволениот период на престој во Шенген зоната без виза до 90 дена и ќе помогне за значително намалување на измамите со идентитетот.
EEС ќе биде воведуван постепено на одредени гранични премини и со помалку функционалности во наредните шест месеци, по што треба да стане целосно оперативен од 10 април 2026 година на сите гранични контролни пунктови на копнените премини, аеродромите и пристаништа.






