вторник, 15 јули 2025

Започна еко-проектот за третирање на атмосферските води за зачувување на биолошката разновидност околу Преспанското Езеро

Светскиот ден на животната средина се одбележува со многу важен  проект за Преспанскиот регион, а тоа е третирање на атмосферските води со изведба на канализациони системи за да се зачува биолошката разновидност околу Преспанското Езеро, истакна во Претор, амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас.

Објавено на

часот

Сподели

На прес-конференција во Претор, на брегот на Преспанско Езеро, амбасадорот Рокас нагласи дека проектот има двојна корист и директно придонесува за зачувување на животната средина.

„Почнуваме многу важен проект за овој регион, а тоа е третирање на атмосферските води, односно изведба на канализациони системи за да се зачува биолошката разновидност околу Преспанското Езеро бидејќи ова треба да биде регион кој ќе ги привлекува сите туристи кои доаѓаат овде. И кога ќе дојдат туристите да бидат сигурни дека животната средина може да се зачува. Од овој проект имаме двојна корист. Од една страна означуваме завршување на проектот за третирање на канализациските води, а од друга страна за третирање и управување со цврстиот отпад. Овој проект придонесува кон зачувување на животната средина“, истакна амбасадорот Рокас и порача сите да се борат против пластичниот отпад којшто е во пораст.

Еколошкиот проект за Претор со туристичката населба и викенд-населби се од исклучителна важност за локалната самоуправа, бидејќи ќе овозможи да се сочува чистата природа, посочи градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски.

„Овој проект е еден од најголемите во нашата држава, премногу значаен за локалното население, за заштита на животната средина и за туризмот во овој крај. За мала општина ова е огромен проект. Ќе градиме шест канализациони системи, а инфраструктурниот проект опфаќа и други активности со кои ќе добиеме подобар квалитет на услугите за населението, заштита на животната средина и ќе го унапредиме туризмот во Преспа“, изјави градоначалникот Тозиевски.

Претставникот на УНДП во земјава, Армен Григорјан потсети дека развојната програма на Обединетите Нации, дваесет години соработува со Преспанскиот регион во областа на заштита на животната средина.

„Мило ми е што сме вклучени во овој проект како партнери на општината, поддржан со финансиски средства од ЕУ , кој е од огромна важност. Во наредниот период ќе се работи со управување на отпадните води и цврстиот отпад со цел да се зачува кревкиот еко систем на Преспанскоро Езеро и на тој начин да се заштити биодиверзитетот и да се подобри квалитетот на животот на локалното население. Очекувам да се отворат многу подобри можности за економски развој преку туризмот и со нетрпение очекуваме успешно да заврши овој проект и да се остварат сите зацртани цели“, рече Григорјан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ