петок, 11 април 2025

Западен Балкан како гето за мигранти – уште еден „непристоен предлог“ од ЕУ за земијте од регионот, или уште еден промашен план?

Имиграцијата останува жешко прашање во многу земји-членки на ЕУ, особено во контекст на статистиките кои покажуваат намалување на бројката на незаконски мигранти, во однос на изминатите години, Сепак, овој предизвик за ЕУ е далеку од тоа дека е решен. Во светлината на сè поголемите поделби меѓу земјите-членки на ЕУ за мигрантското прашање, Европската комисија изнесе предлог со кој би се овозможило испраќање на мигрантите во „центри за враќање“ надвор од ЕУ, со цел – забрзување на нивното враќање.

Објавено на

часот

Сподели

Уште веднаш, овој план на ЕК за своевидни центри за депортација, од повеќе страни во ЕУ беше оценет како контроверзен, но не е и децидно отфрлен. Планот предвидува создавање депортацииски центри надвор од ЕУ, главно во земјите што се граничат со државите-членки на Унијата. И во тој контекст најчесто се споменуваат Албанија, Македонија, Косово, Босна и Херцеговина… Инструментот според кој би се спровел овој план е предвиден преку некаков заеднички налог за враќање (European return order), налог кој автоматски ќе важи за сите шенгенски земји, и со кој мигрантите ќе бидат испраќани во „центри за враќање“ во трети земји.

„Логиката“ на идејата за лоцирање на овие мигрантски центри за депортација во земјите што ЕУ ги групираше во синтагмата Западен Балкан, се темели во најголема мера на тоа што сите имаат аспирации да станат членки на Европската Унија и се во различни фази на тој процес на пристапување. Според некои веќе испробани практики за наметнување услови во процесот на пристапување во ЕУ на земјите- кандидатки од Западниот Балкан, кои не се во рамките на Копенхашките критериуми, во овој план за депортациски центри, меѓу редови може да се прочита на намера, прифаќањето на мигрантите  да им бидат поставени и како некој дополнителен „неформален“ услов на земјите од оваа група, обиколена со земји-членки на Унијата.

Особено што ваков проект веќе беше тестиран меѓу Италија и Албанија, кога во 2023 година во градот Шенѓин кај нашиот западен сосед беше направен обид за создавање центар за десетици илјади мигранти. Според италијанските судови ваквото враќање на мигрантите било незаконско затоа што го прекршува меѓународното право и правото на мигрантите да бараат азил во земјата на пристигнување. И покрај тоа, наместо да се откаже од ваквата сомнителна политика, ЕУ одлучи да ја легализира и да ја прошири на целата Унија, игнорирајќи ги претходните судски одлуки и загриженоста на активистите за човекови права.

Македонија има децениско травматично искуство со сериско условување и блокирање на нејзиниот евроинтеграциски процес со услови кои не се ниту според Копенхашките критериуми, а се и во целосна спротивност со базичните принципи на самата Европска Унија, како и на меѓународното право. Токму во моментов почетокот на преговорите е блокиран со уште еден услов за уставни измени, мошне спорен според принципите на меѓународното право, но ЕУ го стипулираше во преговарачката рамка за Македонија, познат како француски предлог. Сите тие претходни непринципиелни искуства, алармираат на внимателност на секој план и иницијатива која се „приготвува“ во ЕУ, а поврзана со Западен Балкан, колку и да е контроверзна и на прв поглед неприфатлива.

„Ние, т.е. Македонија имаме договор со ЕУ за репатријација, според кој се регулирани таквите ситуации со мигрантите. Но се сомневам дека отворањето некакви депоратциски центри е предвидено со тој договор. Во секој случај, каков план и механизам и да замисли ЕУ за решавање на проблемот што го има со мигрантите, не може да го спроведе без да бидеме прашани, односно не може да се спроведе без согласност на Владата. Ако дојде до таков предлог или барање од ЕУ, Владата мора да пристапи многу внимателно. Каков сака нека биде условот поврзан со тие депортациски кампови, нашите евроинтеграции и така се веќе заглавени заради условот на Бугарија. Колку и да е иронично, но наметнување на уште еден неприфатлив услов за евроинтеграцијата на Македонија, нема да ја смени ситуацијата со актуелната блокада од Бугарија“, вели политичкиот аналитичар, Петар Арсовски.

Според познавачите на функционирањето на европските структури, ЕУ на овој начин сака да се ослободи од одговорноста за луѓето кои бараат заштита и да ги претвори соседните земји, особено Балканот, во тампон-зони и гета каде мигрантите ќе се задржуваат неконтролирано и бесконечно. Критичарите на идејата за депортациски кампови за мигранти сметаат дека  оваа политика не само што ги прекршува меѓународните закони, туку и ги поткопува основните хуманистички вредности врз кои е основана самата Европска Унија. Но предлог-уредбата на ЕК за овој план е содржана одредба за можност за враќање на мигрантите во трети земји (т.н. return hubs), со кои ЕУ ќе склучи специјални спогодби или договори за враќање. Овие договори подразбираат привремено сместување на мигрантите во трети земји надвор од Европската Унија, до моментот на нивното конечно враќање во земјите од кои потекнуваат.

Според поранешниот амбасадор и вицепремиер за европски прашања на Македонија, Ивица Боцевски, ваквите планови од ЕУ и ЕК за депортациски кампови на Западен Балкан се едноставно „ неостварливи, незамисливи и невозможни“, најмногу поради тоа што бегалците и мигрантите немаат намера да останат во земјите од Западниот Балкан и не постојат методи коишто властите, полициите и војските од регионот може да ги употребат за да ги задржат.

„Во јавноста свој продолжен живот имаат многу зомби – еха. Станува збор за гласини коишто се просто неостварливи, незамисливи и невозможни, но некогаш биле пласирани заради определени политикантски, популистички, шовинистички или други причини, па оттогаш живуркаат по опскурни интернет-групи или по крчмите, пред да добијат гласно ехо во јавноста повторно од сосема други причини.

Така и идејата дека Западниот Балкан ќе стане ‘собирен центар за бегалците и мигрантите’ појдени кон богатите земји од северниот и западниот дел на Европската Унија.

Прво, во 2015 година се прошири веста дека Западниот Балкан ќе станел ‘паркинг за бегалците и имигрантите’, па ние и останатите од регионот одлучно ја одбивме оваа иницијатива којашто никогаш не ни беше поднесена. Потоа земјите од ЕУ ‘херметички’ ги затвораа границите, па нам ќе ни останеа бегалците. Па, Европската Унија ќе финансираше изградба на цели населби во регионов за да се задржат тука бегалците. Сега гледаме дека истото зомби-ехо добива нов живот заради некаква регулатива на Европската Унија.

Вистината е дека земјите од Западниот Балкан се само транзитни земји на рутата на мигрантите, којашто започнува во Турција, па преку Грција продолжува кон Германија, Франција, Обединетото Кралство, земјите од Бенелукс и Скандинавија, кои се крајните дестинации на бегалците и мигрантите.

Бегалците и мигрантите немаат намера да останат во земјите од Западниот Балкан и не постојат методи коишто властите, полициите и војските од регионот може да ги употребат за да ги задржат. Со сите наши слабости, сепак, сите ние, земјите од Западниот Балкан сме демократски држави, кандидати за членки на ЕУ, потписнички на сите документи за човекови права на ООН, Советот на Европа и сме под огромен мониторинг од самата Унија во делот на почитувањето на човековите права. Имајќи го тоа предвид, не постои начин да задржиме во регионот лица коишто не сакаат да престојуваат тука, а тоа добро го знаат и во Европската Унија.

Јасно е дека ЕУ има проблем со мигрантите, но решавањето на тоа прашање бара изградба на Фронтекс во моќна гранична полиција и крајбрежна служба, како и јасна демонстрација на политики дека веќе никој не е добредојден во Европа што тука дошол ненајавено, незаконски и вон сите процедури.

Западниот Балкан е важна алка за решавање на овие проблеми, па затоа ЕУ ќе треба час поскоро да ги прими земјите од регионот како полноправни членки на Унијата и на Шенген просторот.

Но, ќе биде добро за почеток ЕУ малку повеќе да се потруди во делот на комуникацијата со јавноста за да се спречи идна појава на зомби – еха од налудничави концепти и теории на заговор, вели амбасадорот Ивица Боцевски.

   Јасминка Павловска

 

 

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ