недела, 13 јули 2025

Замена на куќниот со ефективен притвор, бара Обвинителството и за ексорганизацискиот директор на Онкологија – Нухи

Во Апелациониот суд во Скопје денеска се одржа јавна седница по жалбите на мерката „куќен притвор“ за поранешниот организациски директор на Клиниката за онкологија Нехат Нухи за случајот „Онкологија“. Обвинителството бара укинување на куќниот и определување ефективен притвор, поради опасност од бегство, додека Нухи вели дека е невин и побара од судот да се брани од слобода.

Објавено на

часот

Сподели

Судијката Весна Димишкова, образложувајќи го предметот рече дека првостепениот суд при одредување на мерката притвор од 30 дена ценел дека во моментот на одлучување присуството на осомничениот може да се обезбеди со мерка куќен притвор.

Јавната обвинителка Фатиме Фетаи, објаснувајќи го предлогот за ефективен притвор рече дека притвор не се определува само ако постои бегство надвор од Македонија, туку и ако постои опасност од криење на осомничениот на територија на државата.

„Имајќи го предвид видот, карактерот и последиците од кривичните дела кои му се ставаат на товар и дека е оштетен буџетот во висина од 2.2 милијарди денари постои основано сомневање дека може да се даде во бегство. Сметаме дека постои основ за определување на мерка притвор“, изјави Фетаи.

Обвинетиот Нехат Нухи пред судот рече дека е татко на три малолетни деца, со мајка што има навистина сериозно нарушување на здравјето и дека активно работи како адвокат и има предмети.

„И хипотетички, јас никогаш не би се дал во бегство, затоа што верувам дека сум невин и ќе се борам до крај правдата да биде задоволена и за мене да има ослободителна пресуда“, изјави Нухи.

Неговата адвокатка Анита Бегова, во однос на зголемениот ризик за определување мерка притвор, рече дека против Нухи имаме обвинителен акт, кој може да биде и одбиен и дека целта за барање ефективен притвор е само за да не може да подготви квалитетна одбрана.

„Претходно имаме искуство со мерки кои Нухи доследно година и пет месеци целосно ги испочитува. Не постои основ дека делото ќе го повтори, затоа што не е повеќе директор. Има три деца, и се грижи за својата мајка. Не е имотен за да си дозволи бегство и криење во странство“, изјави Бегова.

Претходно денеска во Апелациониот суд во Скопје се одржа јавна седница и по жалбите на мерката „куќен притвор“ за поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев. Обвинителството побара укинување на куќниот и определување ефективен притвор, додека Васев побара од судот да се брани од слобода.

За предметот „Онкологија“, Основното јавно обвинителство поднесе две обвиненија со кои се опфатени двајцата поранешни директори на Клиниката и четворица доктори онколози. Нехат Нухи, како поранешен организациски директор на Клиниката за онкологија е обвинет за „злоупотреба на службената положба и овластување“, „измама во службата“ и „проневера во службата“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ