Пратеничката Саранда Имери-Стафаи ја образложи потребата за скратена постапка за измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување појаснувајќи дека станува збор за овозможување на зголемувањето на пензиите во согласност со планираните политики на Владата.
Со тоа, додаде таа, оваа Влада успела на вкупно 7.000 илјади денари да им ги зголеми пензиите, имајќи ги предвид првите две зголемувања од 2.500 денари – илјада денари во октомври лани и мартовското исто така за илјада денари.
„Ова го засведочува нашето залагање за подобрување на стандардот на пензионерите и за изградба на подобар социјален и стабилен систем“, додаде таа.
Потребата за носење по скратена постапка на предлог-законот за изменување на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и на Коридорот 10 д ја образложи вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој истакна дека станува збор за техничка измена на само еден член.
Тој појасни дека досега проектот е финансиран од буџетот и било оневозможено Јавното претпријатие за државни патишта исто така да учествува во финансирањето.
„Имајќи предвид дека ЈПДП има релативно солиден буџет од сопствени извори и средства, сметаме дека, поради големината и значењето на проектот, добро е и тоа да е вклучено како носител и инвеститор во проектот“, појасни Николоски.
Собранието не даде поддршка на предлогот по скратена постапка да се донесе и дополнувањето на Законот за заштита од семејно насилство и насилство врз жените, кој го образложи Моника Зајкова, а со кој се предлага воведување електронска белезица за следење на сторителот за насилство, која ќе ја предупреди жртвата дека се приближува до одредено место каде таа и да се наоѓа.
Моника Зајкова од ЛПД, образложувајќи ја потребата да се донесе во скратена постапка, посочи дека истиот закон бил предложен пред една година и оти нема финансиски импликации бидејќи во депото на Министерството за правда има голем број електронски белезици наменти за системот за пробација, кои може да се искористат за оваа цел.
„И оваа година не поминаа измените на Законот за заштита од семејно насилство и насилство врз жените предложени од Либерално-демократската партија (ЛДП), со кои, покрај забраната за движење, сторителот на насилство ќе биде обврзан да носи електронска белезица за следење и предупредување на жртвата. Повторно го одбија предлогот за воведување електронски белезици за следење на насилниците – мерка што значи превенција, што значи спасени животи, што значи реална заштита“, изјави Зајкова.
На денешната 94. седница Собранието го избра Ненад Савески за нов државен јавен обвинител. Изборот на Савески го поддржаа 66 пратеници, против гласаа двајца, а осум беа воздржани.
По изборот на Савески, Гаши истакна дека дополнително ќе го закаже продолженито на 94. седница, на која, меѓу другото, на дневен ред е и предлогот за избор на член на Судскиот совет што го избира Собранието. Комисијата за избори и именувања утврди предлог-листа од двајца кандидати, и тоа Cejфула Османи, доктор на правни науки од Градец, Врапчиште, и Apбер Исаку, дипломиран правник од Тетово.






