петок, 6 март 2026
Нов обид да заживее предлог-законот за електронска нараквица

Зајкова за МКД.мк: Ако пратениците пак не дадат поддршка за електронските нараквици, ќе бидат соучесници во насилството врз жените

Пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова повторно до Собранието го поднесе предлог-законот со кој се предвидува воведување електронски нараквици за следење на сторителите на семејно и родово базирано насилство. За МКД.мк таа вели дека ако и овојпат како и во април минатата година, пратениците не дадат поддршка, тоа во иднина ќе значи дека ако имаме нови убиства на кои им претходеле пријави за семејно насилство, пратениците нема да имаат право да кажат дека системот е крив, бидејќи сите ќе бидат соучесници.

Објавено на

часот

Сподели

Електронските алки за престапници во државава се набавени од 2016 година, но не се употребени, бидејќи нема фирма која може да ги одржува.

Како што посочи Зајкова, предлог-законот за електронски караквици бил поднесен на 1 април 2025 година, но тогаш на пленарната седница не добил поддршка од пратениците од мнозинството.

„На пленарната седница на 1 април 2025 година ниту еден пратеник од мнозинството не се пријави за збор. Предлог-законот беше отфрлен без дебата и без аргументи“, ни изјави Зајкова, додавајќи дека државата веќе располага со електронски алки, кои се наоѓаат во депо, но не се користат.

Таа нагласи дека инсистира на носење законско решение за поефикасна заштита од семејно насилство и вели дека ќе побара поединечно изјаснување од секој пратеник за предлогот, наместо можност за негласање.

Зајкова посочи дека полицијата, како институција која прва се соочува со пријавите за семејно насилство, веќе подолго време алармира дека е потребно да се воведат дополнителни механизми за заштита на жртвите. Според неа, неопходна е подобра координација и со центрите за социјална работа и со обвинителството.

„Повторно го поднесов Предлог-законот со кој бараме електронска нараквица за следење на сторителите на семејно и родово базирано насилство. Повторно Собранието е на ред“, рече Зајкова.

Таа повика на поддршка за донесување на ова законско решение, со цел да се воведе превентивен механизам и да се спречат нови случаи на насилство.

Зајкова го постави и прашањето уште колку жени треба да убие молкот на институциите, па сите да се освестиме?

Танкица Младеновска, Емилија Пешева, Росица Коцева, Ивана и Катја Јовановски… Ова не се само имиња и презимиња, ова се жртви на семејно насилство, човечки судбини чиј последен здив се должи на пропусти на институциите. Овие жени, а меѓу нив и едно дете, не добија право на сигурен и безбеден живот, на насмевка, на среќа, на мир, на ден исполнет со радост, туку само крици во кои се гушеле со денови, месеци, години, ама никој не ги слушнал, односно ги слушнале, ама доцна, кога нивните животи веќе згаснаа.

Единствена што се спаси од канџите на насилникот беше Павлинка Иловска, Пале од Велес, која на тепањето на најзиниот насилен партнер одговори со убоди од нож и го усмрти. Пале доби ослободителна пресуда бидејќи доказите покажаа дека таа убиството го извршила во миг кога се борела за својот живот. Едно по друго, случаите што завршува со насилна смрт на жени секогаш имаа претходница на пријави за семејно насилство.

По стариот Закон за кривична постапка, во случај кога се работи за модринки, гребаници, полесни повреди, насилникот се гонеше само ако жртвата против него поднесеше тужба и се согласеше тој да се гони по судски пат. Но со измените на ЗКП, кои во Собранието беа изгласани во јануари годинава, а чиј Указ беше потпишан од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, насилството повеќе не е приватна работа.

Или барем така требаше да биде. Пред неколку дена мајка со дете в раце скокна од зграда во скопската населба Карпош. Од вкупно 150 стана во зградата, речиси сите знаеле дека во станот со број 57 има семејно насилство, дека мајката трпи тупаници, а детето тоа го гледа.

Насилникот, односно нејзиниот сопруг кој ја тепал и бил пријавуван, доби притвор откако починаа и мајката и ќерката, а сега Обвинителството води постапка која е во тек.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ