недела, 14 декември 2025

Зајкова: Време е пратениците да гласаат за намалување или укинување на банкарските провизиии

ЛДП по трет пат ќе ги поднесе измените на Законот за платежни услуги и платни системи, со кој се намалуваат и укинуваат неоснованите банкарски трошоци кои банките им ги наплаќаат на граѓаните, изјави денеска претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова.

Објавено на

часот

Сподели

„Конечно после две години постојано говорење и борба  имаме добра вест –  гувернерот на Народната банка го прифати предлогот на ЛДП – да се намалат банкарските провизии и трошоци што со години ги празнат џебовите на граѓаните. НБРМ ги намали надоместоците на банките, сега е на ред ние да ги намалиме трошоците на граѓаните. На народот му наплаќаат за сè: за трансакции, за одржување сметки, за да си ги гледате парите на банкомат, па дури и за да ги извадите од банкомат. Огромни профити за банките, празни паричници за народот“, изјави Зајкова во своето обраќање од собранискиот прес-центар.

Зајкова посочува дека само за првите три месеци од годинава секоја личност во Македонија – па дури и новороденчињата – им дале по 1.000 денари на банките, односно повеќе од 5.000 денари по семејство, средства кои може да се пренаменат за зголемување на платите и на пензиите.

„Доста беше! Граѓаните не се банкомати, не се бројка за профит, туку луѓе што се борат да преживеат. И кога веќе гувернерот покажа слух, време е Собранието да застане со нас – и конечно да покажеме сите дека работиме за граѓаните, а не за банките. Нашиот предлог повторно по 3-ти пат ќе биде доставен до Собранието и очекуваме овој пат сите пратеници, без разлика на партијата, да го поддржат“, вели пратеничката Зајкова и додава дека ова не е политика, туку прашање на финансиска правда.

„Ако некој пратеник мисли дека банките му се поважни од народот, нека излезе и нека каже ‘гласав за банките, а не за народот – само затоа што ЛДП го предложи решението’, а ЛДП како и досега, ќе гласа секогаш за она што е од интерес за граѓаните“, заклучи Моника Зајкова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ