среда, 18 март 2026

Зајкова вели пратениците станаа соучесници во насилството, пак го одбија предлогот за електронски нараквици за насилници

Собраниското мнозинство повторно без образложение го одби предлогот на Либерално-демократската партија (ЛДП) за воведување електронски нараквици за следење на сторителите на семејно насилство и насилство врз жените, информира пратеничката Моника Зајкова.

Објавено на

часот

Сподели

Според Зајкова, со ваквата одлука пратениците од мнозинството стануваат соучесници во насилството, бидејќи имале можност да изгласаат превентивни мерки, но одлучиле да не го сторат тоа без да понудат аргументи.

Таа посочи дека истиот предлог бил поднесен и на 1 април минатата година, но и тогаш бил одбиен без образложение. Во меѓувреме, како што нагласи, јавноста сведочи на „црни биланси“ на жени-жртви на насилство, вклучително и случаи со фатални последици.

„Собраниското мнозинство денеска повторно без збор и аргумент против го одби предлогот на Либерално-демократската партија (ЛДП) за воведување на електронска нараквица за следење на сторителите на семејно насилство и насилство врз жените. Со тоа пратениците од мнозинството повторно станаа соучесници во насилството, затоа што имаа можност да изгласаат мерки за превенција, но одбраа да не го направат тоа, без никаков аргумент. Минатата година на 1-ви април го поднесов предлогот, но исто како и оваа година, беше одбиен без аргументација, а од тогаш наваму следиме црни биланси на жени-жртви на насилство, меѓу кои и со ненадоместливи штетни последици, односно смртни случаи. Повеќе не сакам да слушам говори со полни усти за жените, затоа што жените не се само за говори и статистики и не се само проценти. За жените мора да се обезбеди заштита и превенција“, вели за МКД.мк Зајкова.

Пратеничката од ЛДП, Зајкова на почетокот на март повторно до Собранието го поднесе предлог-законот со кој се предвидува воведување електронски нараквици за следење на сторителите на семејно и родово базирано насилство.

Електронските алки за престапници во државава се набавени од 2016 година, но не се употребени, бидејќи нема фирма која може да ги одржува.

Предлог-законот за електронски караквици беше поднесен на 1 април 2025 година, но тогаш на пленарната седница не добил поддршка од пратениците од мнозинството. На пленарната седница на 1 април 2025 година ниту еден пратеник од мнозинството не се пријави за збор, а предлог-законот беше отфрлен без дебата и без аргументи и тогаш. Иста судбина доживеа и денес.

 

К.Д.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ