„На Советот на АЛДЕ во Хелсинки либерал-демократите уште еднаш ја потврдија својата визија за проширена и обединета Европа, усвојувајќи ја резолуцијата на Либерално-демократската партија (ЛДП) од Македонија, со која што јасно се укажува на проширување на Европската Унија до 2030 година, согласно Копенхашките критериуми, со почитување на македонската посебност, јазик и идентитет“, изјави по состанокот претседателката на ЛДП, пратеничка во македонското собрание и претседателка на Либералите од Југоисточна Европа (ЛИБСЕЕН), Моника Зајкова.
Првата резолуција предложена од ЛДП повикува на итно започнување разговори за вклучување на земјите од Западен Балкан – особено Македонија, Албанија и Црна Гора – во одбранбената архитектура на ЕУ. Тоа подразбира пристап до Европскиот одбранбен фонд (EDF), учество во Постојаната структурирана соработка (PESCO), како и вклучување во клучните индустриски и стратешки иницијативи на Европската Унија, со акцент дека овие чекори се неопходни за да се отстрани опасниот геополитички вакуум во срцето на Европа.
„Усвоена е уште една резолуција на ЛДП, која што е поддржана и од либерално-демократските партии од регионот на југоисточна Европа, а којашто се однесува на целосно интегрирање на земјите од Западен Балкан во Европскиот одбранбен и безбедносен систем, којшто изнесува повеќе од 150 милијарди евра, но и во системот на слободен роаминг, односно роаминг како дома“, посочува претседателката Зајкова.
Втората резолуција ја нагласува потребата од итно проширување на режимот „роаминг како дома“ (Roam Like at Home – RLAH), на земјите од Западен Балкан, особено имајќи предвид дека Украина и Молдавија наскоро ќе бидат вклучени во овој систем. Во резолуцијата на ЛДП стои дека доколку овие земји можат брзо да добијат пристап, нема оправдување тоа да не важи и за регионот на Западен Балкан. Преку резолуцијата ЛДП бара и целосна интеграција на Западен Балкан во ЕУ заклучно со 2030 година, исклучиво според мерит-систем односно постигнат реформски напредок.
„Продолжуваме да се бориме за интересите на Македонија, на македонските граѓани, но и на сите граѓани во Западниот Балкан. Западен Балкан заслужува да биде успешна приказна во Европа, односно дел од Европската Унија, каде што и припаѓа“, додава Зајкова.