Зајкова истакна дека ЛДП е инспирирана и поучена од актуелните дебати во Европскиот парламент, каде што се разгледуваат заштитни клаузули за зачувување на европскиот суверенитет, безбедносни и економски интереси – особено во контекст на Гренланд и ревизијата на веќе потпишаните договори на ЕУ со САД и со MЕРКОСУР.
„Апсолутно е вон умот да се очекува Македонија да се однесува неевропски, додека ЕУ со право се самозаштитува со правно обврзувачки клаузули. Ако тоа е европски стандард – тогаш тој мора да важи и за земјите кандидати“, изјави Зајкова.
Таа изрази целосна поддршка на обединетиот европски став дека за иднината, суверенитетот и безбедноста на Гренланд одлучуваат исклучиво граѓаните на Гренланд и Кралството Данска, согласно меѓународното право, додавајќи дека истото правило мора да важи и за Македонија.
„За македонскиот суверенитет, јазик, култура и историски идентитет одлучуваат само македонскиот народ и граѓаните на Македонија“, нагласи таа.
Зајкова посочи дека договореното со ЕУ треба да се спроведе без одлагање, но со јасни и правно обврзувачки заштитни клаузули: преку национални закони, уставен закон, како и со сите исти европски методи.
„Со европски методи, европски мерки и самодоверба, Македонија може да го истрча спринтот кон ЕУ“, заклучи Зајкова.






