четврток, 12 јуни 2025

Заев и Ковачевски го потпишаа проектот Александруполис, а Македонија нема гасна инфраструктура

Ниту три години од стартот на реализацијата на проектот Александуполис, Македонија не успеа да се ослободи од зависноста од рускиот гас ниту пак државата доби гасни централи за исполување на една од стратешките цели за зелена транзиција во енергетскиот сектор. Поради „паметните“ одлуки на претходната Влада на чие чело беше Димитар Ковачевски, а тогашен директор на ЕСМ беше Васко Ковачевски кој сега е во бегство и се бара со меѓународна потерница, ЕСМ 15 години по ред веќе плаќа и ќе плаќа по 300.000 евра месечно за закуп на капацитетот за преносот на гас сеедно дали тој се користи или не. Македонија беше поканета да биде акционер во овој проект во времето кога премиер беше Зоран Заев кој ја започна постапката, а во негово време беа потпишани двата меморандуми и изразени намери за учество. Во меѓувреме грчката компанија Гастрејд објави дека токму на овој капацитет за пренос на гас дошло до оштетување на бустер пумпите на пловната единица за складирање и регасификација (ФСРУ). Според компанијата, терминалот ќе продолжи да работи на 15 август 2025 година, но со намален капацитет за регасификација ограничен на 25 отсто од неговиот максимален одржлив капацитет.

Објавено на

часот

Сподели

Извори од ЕСМ за МКД.мк тврдат дека претходната Влада на чие чело беше  Димитар Ковачевски, а директор на ЕСМ беше Васко Ковачевски кој сега е во бегство и се бара со меѓународна потерница  како покровител на потпишаните Меморандуми за терминал за течен природен гас (ЛНГ) и за гасната електрана Александруполис, влегла без претходна стратегија и разработен бизнис план.  Во моментов, ЕСМ во проектот Александруполис има закупено капацитет од 1,8 теравати на час (TWh) годишно  односно 4,95 гигавати на ден (GWh/ден), за период од 15 години.

„Прво и основно, во земјава сè уште нема гасна инфраструктура. Единствената интерконективна точка од која може да се донесе природен гас во земјава Ќустендил- Жидилово што се наоѓа во Бугарија, е со ограничен расположлив капацитет од околу 5,1 гигаватчас дневно (GWh дневно), и притоа е изложен на огромна конкуренција. Исто така, поранешното раководство на ЕСМ кога со оваа компанија директоруваше Васко Ковачевски преку ЕСМ Продажба закупило само половичен преносен капацитет за гасната година 2023-2024 во износ од три милиони евра, но  без можност за влез на гасот во Македонија, затоа што интерконективната точка Ќустендил – Жидилово, не била закупена за оваа гасна година.  Токму затоа, домашната компанија само по оваа основа прикажа загуба од околу три милиони евра за 2024 година“, велат извори од ЕСМ на МКД.мк.

Македонија не се ослободи од зависноста од рускиот гас

Целта на проектот Александруполи беше Македонија да се ослободи од зависноста од рускиот гас. Проектот Александруполи опфаќа два потпроекти – гасниот терминал за течен природен гас ЛНГ од САД, Катар, Египет…, и изградба на гасна електрана до терминалот со капацитет од 800 мегават часови којшто, според бизнис планот на инвеститорите требаше да бидат завршени до крајот на 2024 година.

Македонија беше поканета да биде акционер во овој проект во времето кога премиер беше Зоран Заев кој ја започна постапката, а во негово време беа потпишани двата меморандуми и изразени намери за учество. Постапката ја продолжи Димитар Ковачевски како премиер и тогашниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој сега е во бегство и за него е распишана меѓународна потерница. Овој проект беше финансиски поддржан и од Европската Унија со 167 милиони евра.

Годишната потрошувачка на гас во Македонија изнесува приближно 400 нормални кубни метри (nm3), а според плановите на претходното раководство на ЕСМ за ослободување на целосната и трајна зависност од рускиот гас требаше да се гради гасна централа во РЕК Битола, гасна електрана во Енергетика-Скопје, а беше предвидена и можна пренамена на ТЕЦ Неготино од мазут на гас или изградба на целосно нова гасна електрана до постоечката во Неготино.

Минатата недела Здружението инженери на Република Македонија (ИНРМ) поднесе претставка до Владата и Јавното обвинителство за постоење сериозни индиции за штетен и противзаконски договор за закуп на гасен капацитет од терминалот во Александруполис, Грција. Во претставката се бара поништување на договорот и покренување на истражна постапка за одговорност.

„Бараме итна институционална постапка за расветлување и решавање на случајот со закуп на капацитет за природен гас од терминалот во Александрополис, Република Грција. Од октомври 2024 година, согласно изјавата на министерката за енергетика, Република Македонија месечно плаќа околу 300.000 евра за закуп на преносен капацитет за природен гас кој не се користи. Ова значи дека буџетот на државата годишно се оштетува за сума поголема од 3,5 милиони евра. Договорот, кој наводно е склучен за период од 15 години, останал активен и покрај тоа што земјата не остварила удел во сопственоста на терминалот – услов кој според кажувањата бил основа за преземање на обврската. Бараме итна ревизија на договорот од страна на Владата и надлежните институции, со цел негово поништување доколку се утврди дека е склучен спротивно на интересите на државата“, реагираа од ИНРМ.

Извори од ЕСМ за МКД.мк велат дека ЕСМ заедно со останатите закупци, интезивно работи на промена на договорот и правилата за користење на капацитетот.

Чаре за намалување на штетата сепак постои?

Нашите извори од ЕСМ велат дека согласно известувањето на Гастрејд објавено на нивната интернет страница, а официјално известување во ЕСМ не е добиено, терминалот не работи од 28.01.2025 година, а официјален датум кога би започнал повторно со работа сѐ уште нема.

„Досега за периодот од октомври до март платени се над 1,5 милиони ЕУР. Без разлика што терминалот не работи, согласно условите од договорот, ЕСМ плаќа закуп, и фактурите за месец февруари и март се веќе платени“, велат извори од ЕСМ за МКД.мк.

Но, Гастрејд на 15 мај 2025 година на својата веб страница објавил соопштение во кое пишува дека од овој ден продолжуваат услугите за регасификација.

„Гастрејд објавува дека прекинот на услугите за регасификација, кој се појави кон крајот на јануари, се должи на технички проблем што доведе до оштетување на бустер пумпите на пловната единица за складирање и регасификација (ФСРУ). Компанијата веќе ги презеде сите потребни мерки за решавање на проблемот и поправка на бустер пумпите. Врз основа на напредокот на санациските работи и со цел да се обезбеди најбезбедно можно продолжување на работата, терминалот ќе ги продолжи услугите за истовар и регасификација на 15 август 2025 година, со достапен капацитет за регасификација ограничен на 25 отсто од неговиот максимален одржлив капацитет, односно околу 41,5 гигавати час на ден, со достапна резервна копија за неговите бустер пумпи. Таквата достапност ќе се нуди за периодот од 15 август до 30 септември 2025 година, под одредени оперативни и комерцијални услови. Ограничувањето од 25 отсто ќе биде укинато од почетокот на следната гасна година, односно од 1 октомври 2025 година, додека одредени оперативни ограничувања може да останат ограничен временски период“, пишува во сопштението на Гастрејд.

Но, ова нема ништо да значи за Македонија со оглед на фактот што земјава нема изградено соодветна гасна инфраструктура.

Сепак, има чаре како да се намали штетата од овој договор, а тоа е со давање под закуп на капацитетот на терминалот. Но, нашите извори од ЕСМ велат дека тоа е мошне дискутабилно решение.

„Постои можност за давање на подзакуп на капацитетот на терминалот но, и тоа е сосема дискутабилно затоа што сите права, обврски или одговорности, што може да произлезат од операторот на терминалот- Гастрејд , ќе бидат на сметка на ЕСМ, што значи дека било каква штета да се направи од страна на подзакупецот ќе биде на товар на нашата компанија. ЕСМ заедно со останатите закупци, интезивно работи на промена на договорот и правилата за користење на капацитетот. Доколку операторот и понатаму продолжи со нефлексибилност и бескомпромисност – ЕСМ и останатите закупци се подготвени проблемот да го истакнат до Регулаторната комисија на Грција и до Министерството за енергетика на Грција, како и до кредиторите на проектот Александрополис“, вели нашиот извор.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ