петок, 6 февруари 2026

Заборавените предмети добиваат нов живот: Еко-свест организира еко трампа „На ти го, дај ми го“

Настанот ќе се одржи на 14 февруари во Бистро Комедија и нуди одржлива алтернатива на брзата потрошувачка преку размена и заедништво, велат од организацијата на настанот.

Објавено на

часот

Сподели

Организацијата Еко-свест ја најавува следната Еко трампа под мотото „На ти го, дај ми го“, која ќе се одржи на 14 февруари (сабота) во Бистро Комедија, во периодот од 12 до 15 часот. Настанот има за цел да поттикне одржливи навики, повторна употреба и заедница заснована на споделување, во време кога брзата потрошувачка доминира во секојдневието.

Еко трампата им нуди на граѓаните можност, наместо купување нови производи, да учествуваат во кружна економија преку размена на предмети кои повеќе не ги користат, а можат да бидат корисни за некој друг. На овој начин се намалува отпадот, се штедат ресурси и се гради еко-свест кај заедницата.

Настанот е отворен за сите кои сакаат да направат позитивна промена. Учесниците ќе можат да се ослободат од предмети што долго време стојат неискористени, да израдуваат друг со нешто што за нив веќе нема вредност и да се поврзат со луѓе кои ја делат грижата за животната средина.

Процесот на размена е едноставен и фер. Секој учесник може да донесе до пет предмети, како облека, книги, модни додатоци или ситни апарати. За секој донесен предмет се добива купон, со кој може да се избере друг предмет од понудата донесена од останатите учесници.

Како дополнителен поттик за дружење и размена на идеи, за сите учесници е обезбедено бесплатно кафе, со што се создава опуштена и пријатна атмосфера.

„Многу сум среќна што во мојот град има толку многу луѓе што ја препознаа целта на Еко-трампата. Покажавме дека убавата енергија и дружбата можат да се остварат преку добри одржливи еко практики, избегнувајќи го конзумеризмот и отворајќи се за поубава иднина. Првата Еко-трампа ми ги надмина очекувањата, се надевам така ќе биде и со оваа“, вели Милијана Богданоска, правник за животна средина во Еко-свест.

Од организацијата ги покануваат сите граѓани да се придружат на настанот, да ја негуваат културата на повторна употреба и заедно да придонесат кон поздрава животна средина и посилна заедница.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ