четврток, 19 март 2026

За ВМРО-ДПМНЕ неприфатлив е предлогот на СДСМ, насилници да носат електронски алки

Предлогот на опозицијата за воведување електронски алки за насилници на прв поглед може да звучи како одлична идеја. Но, кога ќе се разгледа подлабоко, станува јасно дека станува збор за недоработена иницијатива, без сериозна правна и институционална основа, се вели во соопштението на претеничката група на ВМРО-ДПМНЕ по денешната прес-конференција на нивната пратеничка Жаклина Пешевска. Претседателката на Либерално-демократска партија (ЛДП) и пратеничка, Моника Зајкова реагираше на прес конференцијата на Пешевска и изјави дека вторпат собраниското мнозинство покажало дека нема ни волја, ни храброст, ни совест кога станува збор за заштита на жените.

Фото: Фрипик

Објавено на

часот

Сподели

Според Пешевска, предлогот отвора суштински правен проблем.

„Законот што се предлага е во рамки на граѓанска постапка, додека вакви мерки, како електронски нараквици, по својата природа припаѓаат во кривичното право. Ова значи дека се прави мешање на два различни правни системи, што може да доведе до правна неизводливост и сериозни проблеми во примената. Дополнително, во предлогот се наведува дека нема фискални импликации, што е апсолутно нереално. Воведување на ваков систем подразбира набавка на опрема, техничка инфраструктура, центри за следење, обука на кадар и континуирано одржување. Прашањето е, кој ќе го финансира тоа и како, кој ќе ги обезбеди електронските алки, кој ќе врши мониторинг и 24-часовно следење, кои институции ќе бидат надлежни, кои други закони треба да се усогласат за да функционира системот. Без овие одговори, станува збор за политички маркетинг, а не за сериозно законско решение“, рече Пешевска.

Дополнително, кажа пратеничката, важно е да се истакне дека во моментов постои работна група која работи на низа законски решенија токму во оваа област во која членуваат и претставници на СДСМ.

„Нашиот предлог беше за овој закон да се отвори јавна расправа, да се вклучат експерти и стручната јавност, кои ќе дадат мислење дали ваквото решение е применливо и како најдобро да се имплементира. Но, наместо тоа, сведоци сме дека на некои им е поважно политичкото позиционирање и ПР, отколку суштинско и одржливо решение. Во пракса, постојат и дополнителни предизвици. Во случаи кога поранешни партнери имаат заеднички деца, контактот меѓу нив е неизбежен. Во такви ситуации, електронската алка не го решава проблемот, туку отвора нови компликации во примената на мерките. Исто така, за да функционира системот, потребно е и жртвата да биде вклучена – што отвора дополнителни дилеми за нејзината заштита, приватност и согласност“, рече Пешевска.

Според неа, она што особено загрижува е што не постои никаква анализа врз основа на реални податоци.

„Наместо да се прават популистички предлози, потребно е да се анализира, колку често се прекршуваат постојните мерки за забрана на приближување и дали нивното зајакнување би дало подобри резултати. Дополнително, мерката е предвидена само како привремена, наместо да се размислува за системско решение – на пример, нејзина примена по правосилна пресуда или воспоставување регистер на осудени насилници. Затоа, наместо импровизирани решенија, потребен ни е сериозен, сеопфатен пристап базиран на анализа, законска усогласеност и реална примена. Насилството не се решава со неприменливи законски предлози, туку со функционални системи што навистина ги штитат жртвите“, рече Пешевска.

Претседателката на Либерално-демократска партија (ЛДП) и пратеничка, Моника Зајкова реагираше на прес конференцијата на Пешевска и изјави дека вторпат собраниското мнозинство покажало дека нема ни волја, ни храброст, ни совест кога станува збор за заштита на жените.

„Без збор. Без аргумент. Без срам. Повторно го одбија предлогот за воведување електронски алки за следење на насилниците, мерка што значи превенција, што значи спасени животи, што значи вистинска заштита“, изјави Зајкова.

Зајкова вели дека ова не е само политичка одлука, туку директна одговорност затоа што кога пратениците имаат можност да спречат насилство, а свесно избираат да не го направат тоа – стануваат соучесници во секој следен напад и во секоја следна жртва.

Претседателката на ЛДП додава дека предлогот за воведување електронска алка не е нов, беше поднесен уште минатата година, но и тогаш истото сценарио: молк, игнорирање, одбивање.

„А што добивме од тогаш до денес? Црни биланси, жени жртви, скршени животи. И изгубени животи. И по сето тоа, повторно истата ладнокрвност. Вчера најавија дека ќе дадат објаснување. Какво објаснување може да се даде по една година молк и повторно молк? Ќе речат законот не е применлив. Еве одговор: применлив е. Се применува на федерално ниво во Босна и Херцеговина. Ќе речат треба да се менуваат други закони. Да, треба да се усогласи Кривичниот законик. Но тоа не е пречка. Една година усогласуваат други закони со нивниот Закон за Владата, зошто да не може и овој. Ќе речат нема услови. Има. Алките од системот за пробација им стојат во депо. Ќе речат нема пари. Не се работи за пари. Се работи за волја. Ќе речат треба повеќе време. Не, не треба. Една година помина од молкот по претходниот предлог. Една година молчат додека билтените се полнеа со жртви, додека изразуваат жалење за убиени жени и повторно да не направат ништо“, изјави Зајкова во Собранието и додава дека е доста од лицемерство и празни говори.

Зајкова дополнува дека жените не се бројки, не се проценти и жените не се тема за политички маркетинг.

„Жените се животи. И тие животи вчера повторно, како пред една година, беа игнорирани. Ова повеќе не е само политичка борба, ова е морална одговорност. И бидејќи мнозинството повторно избра да стои на страната на молкот, ние нема да молчиме. ЛДП нема да се откаже. И ако треба, по извесно време, повторно ќе го доставиме предлогот. Ако проблемот е што предлогот доаѓа од нас, како и многу други предлози, еве и овој ќе им го дадеме, нека го поднесат тие, нека го препишат како свој, само нека не молчат затоа што молкот веќе однесе премногу животи“, заклучува Зајкова посочувајќи дека за секој следен случај мнозинството во парламентот ќе ја носи истата одговорност затоа што тие можеле да спречат, а избрале да молчат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ