„Тоа е одлука на претседателот на државата, не е одлука на Владата. Согласно Устав, претседателката на државата го поднесува тој предлог така што немам што да коментирам. Предлогот ќе ја добие поддршката од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Мицкоски.
СДСМ пак, остро ќе се спротивстави на изборот на Трајко Славески за гувернер на Народната банка. Според партијата, „невиден преседан е да се дозволи класичен партиски пиун да ја води оваа важна финансиска институција, каде што досега секогаш имало независни експерти на функцијата гувернер“.
„Трајко Славески е човекот за кој 9.000 денари минимална плата се ‘многу пари’. Тој е перјаницата на Мицкоски против интересите на работниците. Гувернер ќе стане економистот кој е познат како најголем непријател на идејата за покачување на минималната плата, како и непријател на правилното пресметување на потрошувачката кошничка за четиричлено семејство – човекот кој, додека ги водеше финансиите на земјата, жестоко ја раскрчмуваше и задолжуваше државата. Славевски е висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ кој беше близок соработник и на Никола Груевски, министер во неговата влада која ги понижуваше работниците и ги третираше како ефтина работна сила. Како претседател на Советот на Град Скопје, ќе остане запаметен како лицето кое го уништи градот. Славески ги водеше битките на Мицкоски со Арсовска, откако им пропаднаа бизнис-зделките“, велат од СДСМ.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчера го предложи проф. д-р Трајко Славески за нов гувернер на Народната банка, откако претходно разговараше со кандидатите за гувернер на Народната банка.
Од Кабинетот на претседателката информираа дека при донесувањето на одлуката, претседателката се водела од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот.
„Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати“, посочија од Кабинетот на претседателката.
Од СДСМ велат дека се длабоко разочарани и од полтронскиот однос на претседателката Сиљановска Давкова.
„Нејзиното потклекнување пред барањата на Мицкоски е доказ дека ниту некогаш била независна, ниту пак во иднина ќе донесе независна одлука. Таа, како и сите претходни претседатели избрани од ВМРО-ДПМНЕ, е тука само за да исполнува партиски наредби. Имаше можност да застане зад сопствен избор, да промовира независна и стручна личност, но реши да ја наведне главата пред Мицкоски“, велат од СДСМ.
Славески треба да биде избран на пленарна седница со просто мнозинство од 61 глас.
Славески е универзитетски професор на Економскиот факултет во Скопје и поранешен министер за финансии. Во моментот тој ја извршува фунцијата претседател на Советот на Град Скопје. Славески доаѓа на местото на досегашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска која беше прва жена на оваа функција.