среда, 17 декември 2025

За ВМРО-ДПМНЕ – буџетот за 2026 е за финансиска консолидација, Левица смета дека е ризичен и турка во нови задолжувања

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во фокусот на своето гостување на телевизија Њузмакс Балканс,  го имаше буџетот за 2026 година. Тој нагласи дека буџетот е со рекорден износ од 6,7 милијарди евра, при што истакна дека се обезбедени повеќе средства за плати и пензии како и реална сума за капитални инвестиции, со кои државата ќе продолжи да се развива.

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа е документ којшто е реален и нуди решенија за проблемите на граѓаните и со коишто ние ја даваме конкретната слика за нашата економска филозофија, а тоа е реализација на капитални инвестиции, повеќе пари за плати, повеќе пари за пензии, нови училишта, спортски игралишта, нови болници, развивање на инфраструктурата. И тоа што сметаме ние дека е важно. е секако финансиска консолидација, нешто што и беше клучно потребно на нашата држава“, рече Стојаноски.

Стојаноски во своето гостување истакна дека буџетот претставува реално планирање засновано на досегашните резултати, односно буџет кој ќе обезбеди континуиран економски раст, капитални инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

„Она што е важно и што граѓаните треба да го знаат, е дека сме успеале да обезбедиме повеќе средства и за повисоки плати, пензии и една сума којашто е реална за реализација на капиталните инвестиции, бидејќи сметаме дека оваа држава треба на тој начин да се развива. Она што е важно – имаме проектирано и повисок раст на БДП, којшто е по основ на досегашниот раст од кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Четири квартали имаме над 3% раст, дефицитот е намален за 0,5%, и што ни дава можност да веруваме дека ова е едно реално планирање на овој програмски документ. По основ на тоа што е планирано и реализирано оваа година, затоа имаме испланирано за оваа година 660 милиони евра за капитални инвестиции, за зрели проекти, проекти кои се веќе во реализација и ќе се потпреме на оние проекти во општините кои државата ги финансира, а сега се во полн ек на реализација“, рече Стојаноски.

Наспроти аргументите на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, од партијата Левица сметаат дека буџетот за 2026 „ не само што не е развоен, туку е длабоко потрошувачки и ризичен документ кој ја турка државата во нов циклус на задолжување“.

„Буџетот од 6,7 милијарди евра, најобемен во историјата на Македонија, кој како ‘развоен и стабилизациски’ документ до Собранието го достави Владата на ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ – не само што не е развоен, туку е длабоко потрошувачки и ризичен документ кој ја турка државата во нов циклус на задолжување без реален економски раст. Вака планираниот буџет не стимулира продуктивност и инвестиции и не создава нова вредност. Напротив, тој ја цементира зависноста од јавната потрошувачка и краткорочните политички ефекти“, се наведува во соопштението од Левица,

Според согледувањата на Левица, капиталните инвестиции учествуваат со само 9,7% од вкупните расходи, што е алармантно ниско ниво.

„Тоа значи дека државата троши за тековни потреби, наместо да инвестира во иднината. Со ваков пристап не се гради економија туку се купува социјален мир. Особено загрижува што 31% од приходите се обезбедуваат преку ново задолжување. Тоа значи дека секој трет денар што државата ќе го потроши е позајмен. Дополнително 1,25 милијарди евра се за отплата на стари долгови, што претставува речиси една петина од буџетот. Со други зборови, државата работи за да враќа стари долгови, а во исто време зема нови кредити што директно води кон фискална нестабилност. Само за камати, наредната година треба да се исплатат 346 милиони евра“, се вели во анализата на буџетот од Левица.

Тие оценуваат дека во структурата на расходите од новиот буџет, јасно се гледа приоритетот на оваа власт – политички опстанок, а не јавниот интерес. Процената е дека наместо инвестиции во здравство, образование, социјална сигурност и квалитет на живот, Владата се одлучила да штеди токму на тие сектори кои ја држат државата исправена.

„Средствата за заштита на животната средина и намалување на загадувањето се намалуваат, во земја која и онака се задушува во смог секоја зима. Во здравството, буџетот предвидува намалување на медицински материјали и опрема, со што се сведуваме на ниво на стандард на најнеразвиените држави.

Образованието, наместо да биде двигател на развојот, повторно е жртва на кратења – со помалку пари за предшколско, основно образование и научно-истражувачка работа. Не поминаа ниту социјалните категории. Намалени се средствата за заштита од болест и инвалидитет, како и за стари лица и детска заштита, во земја каде секое второ дете живее на работ на сиромаштија.

Особено алармантно е кратењето над 50% на средствата за Агенцијата за стоковни резерви, што во услови на глобални кризи значи дека државата останува без стратегиска заштита на граѓаните во случај на шокови со храна и енергија. Дополнително, се кратат и пари за Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, што директно ги погодува македонските земјоделци.

Дури и правосудството не е поштедено. Намалување на средствата за судската власт и Јавното обвинителство, за повеќе од 2,2 милиони евра, е уште еден јасен сигнал дека правната држава не е приоритет“, велат од Левица.

Како што се истакнува во соопштението, овој буџет е огледало на власт што ја изгубила врската со реалноста на сопствените граѓани.

„Наместо да гради економија, гради илузија! Наместо да инвестира во иднината, купува време! Се кратат средства таму каде што државата треба да биде најсилна: здравство, образование, социјална сигурност и правда. Со ваков буџет, државата не се движи напред туку тапка во место и сè повеќе тоне во долгови, сиромаштија и безнадежност“, порачуваат од Левица.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ