За една партија „Игри без граници“ помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со коалициските партнери и за „бисерите“ на Макрадули, Бендевска, Шеќеринска, Ивановски од една страна и Ѓорчев, Бонева, гордата послушница Кузмановска, Димовски и дружината годинава граѓаните ќе платат по 110.940 евра по седница. Во калкулацијата не се вклучени и 340 милиони денари што се планирани во буџетот за градежни работи за подобрување на условите за работа на пратениците и за репрезентативен изглед на македонскиот законодавен дом.
Работата на еден пратеник годишно нè чини 6,6 милиони денари, односно малку повеќе од 100.000 евра, сума во која се вклучени и трошоците планирани за градежни работи со кои ќе се подобрат условите за работа на народните избраници.
Според официјалните податоци од Буџетот за 2012 година, планирано е буџетот на Собранието на Република Македонија да изнесува 817,6 милиони денари. Тие пари се потребни за пратениците да одработат 550 часа според тоа што пишува во државниот буџет за годинава. Ова значи дека е планирано да работат околу 70 дена годинава, доколку работат по 8 работни часа, како што е пропишано со законската регулатива.
За да обезбедат логистика за одржување на пленарните и на комисиските седници се ангажирани 435 вработени лица од различни профили. Секој од нив буџетските обврзници годинава ќе ги чини по 1 милион денари. Во таа сума се вклучени платите, придонесите и сите трошоци потребни за да ги извршуваат своите работни обврски. Тоа значи дека за да обезбедат подготовки за 550 часа „пратеничко шоу“, вработените во Собранието ќе потрошат повеќе од 461 милион денари, односно 7,5 милиони евра. Нивниот трошок во вкупната маса пари потребни за да функционира законодавниот дом учествува со 56%. Тоа значи дека за нивната работа отпаѓа повеќе од половина од сите пари што годинава ќе ги платиме за да функционира нашиот законодавен дом.
Во буџетот освен парите за градежни работи и за модернизација на Собранието, значајни се и ставките за плати и за дневни и за патни трошоци. За првата од наброените ставки годинава се резервирани 202 милиони денари, што е само за 3 милиони денари повеќе од лани. Додека кај помалата ставка за дневни и патни расходи годинава во споредба со лани е предвиден раст поголем од 14%, односно 10 милиони денари. Лани за таа намена биле планирани 70 милиони денари, а годинава се планираат 80 милиони денари.
мкд.мк