МВР конечно постапи, но ова не е доволно, на овој начин МВР сака да го забошоти случајот за нивниот началник, наведува СДСМ во соопштение.
„Откако цели два дена им требаше на МВР да ги видат снимките кои целата јавност ги виде, под притисок на СДСМ и граѓаните, МВР конечно постапи, но ова не е доволно. Добро е познато дека на овој начин МВР сака да го забошоти случајот за нивниот началник, кој е унапреден уште првиот ден кога Тошковски ја презема функцијата во МВР.
Откако е јасно признаена вината од МВР, сега нема ниеден изговор уште денес да не се поднесе кривична пријава и да се процесира насилникот. Ако тоа не го направи ОЈО и продолжи да калкулира, ќе биде јасно дека го штити началникот, а со тоа и Тошковски. СДСМ располага со низа скандали за истиот човек, кои ќе бидат објавени, како и за други раководни лица на Тошковски, кои се срам за македонската полиција“, велат од СДСМ.
За СДСМ, сега станува и сè појасно зошто Тошковски сака измени на Законот за полиција, со кој скандалозно се предвидува ваквите началници кривично да не одговараат.
„Јасно е дека целта е партизација, а потоа и заштита на извршните функционери во МВР кои ќе се силат и ќе заплашуваат во служба на ДПМНЕ. СДСМ нема да престане да бара одговорност за крај за Мартиновски, а Тошковски треба да се повлече конечно, затоа што полицијата никогаш повеќе не била понижена, а системот уништен заради потребите на партијата“, велат од СДСМ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, случајот е праведно разрешен, зашто Министерството за внатрешни работи покрена дисциплинска постапка и јавно ја осуди секоја форма на насилство и незаконско постапување.
„Началникот од Демир Хисар е разрешен од функцијата. Ова е борба за принципи и морал, борба што се покажува на дело, за разлика од времето на прогон, нечовечко и злосторничко постапување на партиск“ата полиција на Зоран Заев, Оливер Спасовски и Али Ахмети, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата констатираат дека за сторен престап, началникот во Демир Хисар е разрешен, но и потсетуваат на времето кога „подивените орди на Заев, Филипче, Спасовски и Ахмети, го имаа целиот апарат на присила под своја команда“.
„Партиската полиција на Спасовски правеше упади во домовите на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, вршеше претреси и ги влечеше со лисици пред малолетни деца. Гордана Јанкулоска ја однесоа во затвор и ја осудија поради ‘мерцедесот’, кој наводно го гребеле мачки, а потоа го возеше Заев. Друга жена, под тортура на партиската полиција на СДС и ДУИ, го загуби плодот и детето во затвор.
Миле Јанакиески го враќаа со полиција пред вратата на неговиот стан три пати – за да го снимат камерите – и секогаш го носеа во притвор како дефокус од новите афери на Заев. Спиро Ристовски и Миле Јанакиески беа физички нападнати во затвор, а други политички притвореници намерно беа сместувани во ќелии со сериски убијци, педофили и силувачи. Ова е само мал дел од погромот, тортурата и политичките пресметки што ги вршеа Заев, Филипче и Ахмети – и кои никогаш нема да се заборават“, потсетуваат од ВМРО-ДПМНЕ.






