недела, 1 февруари 2026

За првпат по 60 години се чисти езерото Младост

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски изврши увид во активностите за ревитализација на езерото Младост, кaде за првпат по околу 60 години се прави темелно чистење.

Објавено на

часот

Сподели

Според планираните активности, во тек е фаза на механичко отстранување на сувите наслаги и трската од крајбрежниот појас на езерото. Активностите се реализираат во соработка помеѓу АД „Водостопанство“ и ЈПВ „Лисиче“ – Велес, со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

За реализација на проектот е обезбедена финансиска поддршка од 6.000.000 денари од Програмата за водостопанство. Целта на ревитализацијата е подобрување на квалитетот на водата и дополнување на акумулацијата со свежа вода, што ќе придонесе за одржливост и подобрување на еколошката состојба на езерото Младост, чии води се токсични поради недостиг на кислород, атрофирање на водната флора и недоволен прилив на свежа вода.

Центарот за јавно здравје лани на почетокот на јуни донесе забрана за секаков вид употреба на водите од езерото Младост – за наводнување, капење и рекреација, поради екстремно лошиот квалитет.

Во последните години квалитетот на водата во езерото се оценува како „алармантен“, при што анализите укажуваат на сериозно загадување на површинските води во езерото. Истражувањата на Хидробиолошкиот завод од Охрид покажуваат дека водата често има нарушени параметри и дека се развива пролиферација на модрозелени алги (цијанобактерии), што претставува ризик за здравјето при директен контакт или употреба на водата за рекреација. Ова влошување на квалитетот беше забележано уште во текот на 2024 година и е причина за зголемено внимание на стручните служби и локалната власт за потреба од мерки за подобрување и прочистување.

Посебна комисија препорача серија мерки за подобрување на состојбата: да се исчисти коритото на Отовичка река, да се отстрануваат наслагите, да се прават бушотини кај Рудничка Река, со цел да се дојде до свежа вода, која треба да се донесе во Велешко, како краткорочна и најбрза мерка за дотур на вода, да се реконструира колекторскиот систем и шахтите, со цел да се спречи понатамошно загадување на езерото Младост. Потенцирано е дека е неопходно и довршување на цевководот од езеро Лисиче до езеро Младост во должина од околу 6 километри.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ