„Ми претставува особена чест и задоволство што денес сме тука, заедно со почитуваните професори Антонио Јаќимовски, Елизабета Томевска-Илиевска, Маја Јаневска и пратеничката во македонското Собрание Катерина Димитровска, во Домот на култура ,Билјана Беличанец за заедно да промовираме едно навистина посебно и вредно издание – Археолошка азбука и Археолошка Брајова азбука – првата литература од ваков вид за деца и млади во нашата земја и пошироко во регионот, поддржана од Кисела Вода. Нашата општина постојано се залага за еднакви можности и права за сите. Грижата за лицата со попречености, а особено за лицата со оштетен вид, не е само обврска, туку и должност која ја исполнуваме со големо внимание и посветеност. Секоја година, на Денот на Брајовото писмо, ја продолжуваме нашата поддршка за учениците од Државното училиште за рехабилитација Димитар Влахов, преку донирање на книги напишани со Брајово писмо за нивната библиотека – затоа што веруваме дека знаењето и културата треба да бидат достапни за сите, без исклучок“, рече на промоцијата градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓеорѓиевски.
Како што кажа Ѓеорѓиевски, поддршката што ја дала општината на „Археолошката азбука“ и нејзиното издание на Брајово писмо е во насока да се понуди литература која истовремено е и образовна и инспиративна, која ги запознава децата со богатата археолошка ризница на нашата земја и ги поттикнува да се чувствуваат горди на своето културно наследство и ќе им овозможи и на децата со оштетен вид рамноправен пристап до знаење, визуелно адаптирано и внимателно подготвено според нивните потреби.
„Затоа, сето ова не е само промоција на книга – ова е потврда за визија, за вредности, за грижа и за инклузија. Ова е пример како културното и образовното може да се спојат во вистинска алатка за градење свест, идентитет и љубопитност кај младите. Искрено им честитам на авторите – реномирани професори, педагози и археолози – за нивниот труд и посветеност. Им благодарам на сите вклучени во реализацијата на ова дело кое веќе го сметам за културно богатство. Како општина, ќе продолжиме да поддржуваме вакви проекти кои создаваат инклузивно општество и кои му даваат глас и можност на секое дете да учи, да сонува и да ја гради својата иднина“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во своето излагање.