вторник, 6 мај 2025
Се проширува истрагата за трагедијата во дискотеката

За пожарот во Кочани се бара Дритон Кучи, а приведени се Шабан Салиу, Ваљон Сарачини и Беким Незири

Уште четири лица влегуваат во рамки на истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде загинаа 61 лице. Приведени се ексминситрите Ваљон Сарачини кој раководел со Министерството за економија од 2011 до 2014, односно моментите кога „Пулс“ првпат добива дозвола во 2012 година. Потоа, уапсен е и неговиот наследник Беким Незири, во чие време исто така дискотеката работела, а се бара и поранешниот министер за економија, а сегашен амбасадор на Македонија во Кралството Норвешка, во Осло, Дритон Кучи.

Објавено на

часот

Сподели

Освен нив, приведени се и поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу кој сега е министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите, како и моменталниот директор на ДЗС, Џеват Селами, кој доаѓа од редовите на Вреди.

„По наредба на јавен обвинител во тек е акција за приведување на повеќе лица, а во насока на проширување на истрагата за пожарот во Кочани. Надлежните иституциите ќе ја информираат јавноста координирано штом бидат завршени дејствијата кои се во тек“, велат од Обвинителството.

Поранешниот министер за економија, а сегашен амбасадор на Македонија во Кралството Норвешка, во Осло, Кучи барем засега не ќе може да биде уапсен затоа што за него важат поинакви правила.

Имено, Министерството за надворешни работи (МНР) со допис го известува амбасадорот, во конкретниот случај Кучи, дека има рок од седум дена да ги заврши неопходните и итни работи во амбасадата по што треба да се врати дома, во Македонија. Воедно МНР за вршител на должност амбасадор го поставува неговиот заменик во амбасадата во Осло. Дополнително, МНР со дипломатска нота го известува Кралството Норвешка дека Дритон Кучи ќе биде отповикан од амбасадор во нивната земја и притоа МНР не е должно да ги објасни причините за тоа. Постои можност и опасност, Кучи да ја избегне оваа законска процедура и да не се врати во Македонија, но сепак тој нема да биде амбасадор и да ги ужива привилегиите и дипломатскиот статус што како амбасадор му се загарантирани.

Претходно осомничени беа 17 лица, од кои три добија куќен притвор, другите се во ефективен притвор.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ