Со најновите предлог измени на Кривичниот законик кои ги подготвува Министерството за правда, насилникот ќе може да се гони по службена должност, дури и без жртвата да поднесе пријава. Такви случаи додека да се направат овие измени сега се девет кои завршиле со тешка телесна повреда. Во останатите, погоре споменати кои завршиле со телесна повреда, според сегашниот закон сторителот може да се гони само ако жртвата остане на дадената пријава за сторено насилство.
Од Министерството за правда нагласуваат дека со измените и дополнувањата на Кривичниот законик се врши и редефинирање на кривичното дело „Телесна повреда“ од член 130 со отстранување на гонењето по предлог во случаи кога делото е сторено при вршење родово-базирано насилство, насилство врз жена или семејно насилство или од омраза или спрема лице кое е посебно ранливо поради неговата возраст, тешките телесни или душевни пречки или бременост, со што овој облик на делото ќе се гони по службена должност согласно одредбите од Истанбулската конвенција.
Од Министерството очекуваат дека оваа реформа ќе придонесе за зголемена отчетност на сторителите и охрабрување на жртвите да побараат помош, што, како што велат, во целина ќе води кон подобрување на состојбата со семејното насилство во државата.
„Семејното насилство е општествен проблем кој бара институционален одговор. Со предложените измени на Кривичниот законик, правиме клучен чекор напред во заштитата на жртвите, особено на жените и другите ранливи групи. Повеќе нема да се бара храброст од жртвата за да поднесе пријава, сега храброста и одговорноста се на државата“, посочуваат од Министерството за правда.
Од Министерството информираат дека овие измени на владина и собраниска процедура треба да се најдат по одржувањето на локалните избори и се очекува да бидат дел од пошироката реформа на Кривичниот законик.
Од јануари до јуни 2025 година извршени се вкупно 512 кривични дела во врска со семејното насилство, од кои најголемиот број 336 завршиле со телесна повреда, 158 случаи со загрозување на сигурноста, девет со тешка телесна повреда, три со убиство и по две со убиство во обид, присилба, противправно лишување од слобода.
Најголем број од кривичните дела се извршени од страна на мажи – вкупно 474, а од жени 55 случаи.
Најголем дел од кривичните дела во семејното насилство се извршени од страна на сопругот – 223 случаи, потоа следуваат случаите кои се извршени од сопругите, од децата, од родителите и од поранешните партнери.
Вкупно 176 кривични дела на семејно насилство се извршени под дејство на растројство, 80 дела под дејство на алкохол, две дела под дејство на дрога и 70 случаи под други дејства.






