Инцидентот го пријавиле жители на Раотинце најпрво во општинскиот инспекторат кој веднаш пријавил во полиција.
Од СВР Тетово , за МКД.мк го потврдија инцидентот и најавија поднесување кривична пријава против непознат сторител.
„Ова втор ваков инцидент за кусо време. Полицијата ги презема сите чекори за откривање на сторителите. Собрани се податоци кои врз основа на кои ќе биде изготвен извештај, а потоа и кривична пријава против непознат сторител. Потоа кога обвинителството ќе оцени што му е потребно полицијата ќе постапи согласно потребите. Ќе се прегледуваат и камерите што се поставени на дел од реката Вардар. Засега сомнежите се дека станува збор за некој локален жител затоа што на објавеното видео се гледа дека шишињата се движат во права линија, а не се раширени низ реката што укажива дека се исфрлени во Вардар од блиску од местото од каде што почнале да пловат низ реката. Само за првиот инцидент полицијата изготви над 40 дописи со кои се бараат податоци и докази од жителите на тој регион за собирање докази за пронаоѓање на сторителот“, изјави за МКД.мк портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи.
Градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиноски, вели дека собирањето смет во општината не претставува проблем и тоа се прави редовно.
Во октомври Министерството за животна средина и просторно планирање во соопштение како причина за оваа појава посочи на „незадоволителното ниво на комунални услуги од страна на операторите, особено во руралните средини“. Воедно тогаш и најавија измени на Законот за инспекциски надзор во животната средина, со цел воспоставување на единствен систем за ваква инспекција во насока на поефикасна и поефективна контрола во областа на животната средина.
И.О.






