Портпаролот на Движењето ЗНАМ Никола Мемов, денеска на прес-конференција информираше дека новиот состав на Централниот одбор брои 80 членови, а Надзорниот одбор пет членови.
Меѓу избраните членови на ЦО се: Марин Докузовски, поранешен селектор на кошаркарска репрезентација на Македонија, д-р Билјана Ќупева Туџаровска, доктор на науки, Филолошки факултет, Јане Алтипармаков, самостоен уметник, дипломирал филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности, Игор Митрески, поранешен фудбалски интернационалец и репрезентативец на Македонија, д-р Александар Петров, доктор на науки, дипломиран машински инженер, м-р Александар Крстевски, докторант на Економски факултет-политичка економија и м-р Љубе Маркоски, магистер за стратегиски менаџмент на мали и средни бизниси.
„Ова не се луѓе од старите политички шеми. Ова се луѓе кои не се дел од корумпираните кругови на минатото, туку гласници на новото време. Тие се доказ дека Движењето ЗНАМ не гради кадри за позиции, туку тим за промени“, додаде Мемов.
Мемов посочи дека на првата седница на новиот состав на Централниот одбор, избрано е потесното раководство на партијата.
За генерален секретар на Движењето ЗНАМ е реизбран Горан Минчев, дипломиран економист, актуелен министер за јавна администрација.
За потпретседатели на партијата избрани се доктор Павле Арсовски, доктор на историски науки, генерал мајор во пензија, актуелен пратеник во Собранието, Весна Бендевска, дипломиран психолог, актуелен пратеник и потпретседател на Собранието, магистар Борче Серафимовски, Факултет за меѓународна економија и администрација, актуелен државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,
За организациски секретар реизбран е Сашо Петрушевски, дипломиран машински инженер. За претседавач на Централниот одбор избран е Игор Филков, дипломиран правник, актуелен министер за правда.
Извршниот одбор е во состав на проф. д-р Бобан Карапејовски, доктор по хуманистички науки (македонски јазик и лингвистика), професор на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, актуелен координатор на пратеничката група на ЗНАМ во Собранието на РМ, д-р Злате Мехмедовиќ, доктор-специјалист медицински факултет, докторант по јавно здравство, актуелен директор на ЈЗУ Клиника за физикална медицина и рехабилитација, проф. д-р Јасмин Циривири, специјалист-ортопед, вонреден професор и началник на хируршки одделенија во ГОБ 8 Септември, м-р Александар Илиев, магистер по безбедност, консултатнт за одбранбена политика и безбедност, м-р Радослав Настасијевиќ Варџиски, магистер по маркетинг менаџмент, заменик-министер во Министерството за дигитална трансформација Виктор Јовановски, дипломиран економист, директор на комерцијалниот сектор во ЕСМ, Јасмина Петковска, дипломиран политиколог, вработена во Министерство за животна средина и просторно планирање, Ивана Ѓорѓиевска, филолог по општа и компаративна книжевност и македонски јазик, претседател на Советот на Општина Куманово, спец. д-р Соња Ѓорѓиеска, доктор специјалист офталмолог, Mарин Алексов, Факултет за безбедност, вработен во приватна компанија, м-р Виктор Ванкоски, магистер по казнено право, Ристо Николоски, дипломиран правник, адвокат.
„Вчера Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија го одржа својот втор конгрес, испраќајки силна порака дека се етаблираме и издигнуваме како стабилен, организиран и одговорен политички субјект, со визија што не се продава, со структура што не се урива и со волја што не се покорува“, додаде Мемов.
На конгресот повеќе од 420 делегати едногласно му ја доверија претседателската функција на Максим Димитриевски за нов четири годишен мандат.
„Ова не е само доверба, ова е императив дека ќе продолжиме да ја водиме Македонија не со канкулантство и пазарење, туку со чесност, државотворност и непоколеблива посветеност кон народот. Претседателот Димитриевски пред присутните ја нагласи суштината на нашето делување – одговорност, отчетност, посветеност. Ова се темелите на кои ја рушиме старата партиска матрица и градиме нов почеток. Ние не влеговме во институциите за моќ, влеговме за правда, ред и државност. Ова е новата политичка култура за која се заложивме – државата повторно во рацете на народот“, рече Мемов.
Портпаролот на ЗНАМ исто така информира дека пред Конгресот, функционерите на ЗНАМ во извршната власт дале полн отчет за својата работа, нешто што граѓаните со право го очекуваат, а малку кој го прави.
Преку двете панел дискусии беа претставени конкретни резултати, реални политики и искрена работа. Јавните финкционери од Движењето ЗНАМ, дадоа отчет за сработеното во 10 области: правосудството, јавната администрација, енергетиката, земјоделието, дигиталната трансформација, пензискиот систем, здравството, животната средина, акредитацијата и односите со верските заедници. Нашите функционери покажуваат нов пристап: работа со интегритет, почитување на институциите, слух за граѓаните и најважно, храброст да се носат вистинските одлуки, додаде Мемов.