Земјава и покрај забалежаниот пад, сепак, по Словенија која е на 33 место и Црна Гора 37, е повисоко рангирана од останатите држави од регионот.
Хрватска е 60-та, Бугарија 70-та, Албанија е на 80 место, Босна и Херцеговина на 86, Грција на 89, Србија на 96 и Косово на 99 место.
Репортери без граници ја оценува состојбата со слобода на медиумите во земјава како задоволителна.
„Иако новинарите не работат во непријателска средина, широко распространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за намалување на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Исто така, владините претставници имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, се наведува во општата оценка за Македонија.
Оценката на Репортери без граници за Македонија се базира на неколу индикатори, медиумски пејзаж, политички контекст, правна рамка, социокултурен контекст, безбедност.
Што се однесува до медиумскиот пејсаж, од Репортери без граници неведуваат дека иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога.
„Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионалните онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина и индивидуалните портали кои плагираат и копираат и лепат содржина. Исто така, постои голем јаз помеѓу користењето и довербата, најгледаните телевизиски станици – Алсат, Сител, МТВ1, Канал 5 – имаат низок индекс на доверба“, констатирале од Репортери без гграници.
За политичкиот контекст од оваа меиумска организација наведуваат дека целокупната средина останува поволна за слободата на медиумите, но владините агенции не се многу транспарентни, а критичкото новинарство е сè повеќе предмет на напади.
„Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок од властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“, забележуваат од Репортери без граници.
За правната рамка во извештајот шишува дека иако Уставот гарантира слобода на говор и забранува цензура, земјата бавно го хармонизира законодавството за медиуми со стандардите на Европската Унија, на која има намера да се приклучи.
„Процедурите на СЛАПП тужбите служат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми. Новиот закон со кој повторно се овластуваат националните и локалните власти да се рекламираат во приватни медиуми предизвика загриженост за можно поврзано влијание“, се наведува во извештајот на Репортери без граници.
Иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, наведува оваа организација, уредничкиот персонал на некои од главните телевизиски канали е изложен на економски притисоци од нивните сопственици.
„Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донатори. Странските грантови базирани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Новинарството е многу несигурна професија. Некои медиумски куќи се подложни на влијание од страна на маркетинг агенциите. Иако нема јасни ограничувања во социјалната и културната средина што влијаат на слободното новинарство, социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер закани. Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за намалување на јавната доверба во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на пол, етничка припадност или религија“, велат од Репортери без граници.
Што се однесува до безбедноста, оттаму велат дека неколку инциденти го намалиле чувството на безбедност на новинарите, вклучувајќи палења на нивниот имот и случаите на полициско вознемирување.
„Од една страна, беше назначен специјален обвинител за да се занимава со случаи на напади врз новинари, а се разгледува и отворањето слични канцеларии низ целата земја. Од друга страна, новинарите што известуваат за обвинителите се соочуваат со значителен притисок“, констатираат од Репортери без граници.
Според Индексот за слобода на медиумите, генерално, слободата на медиумите низ целиот свет е во полоша состојба од кога било.
„Слободата на медиумите во светот во 2025 година е на најниско ниво досега. Над половина од светското население живее во земји каде што ситуацијата е оценета како „многу сериозна“, се вели во анализата на организацијата.
Европа продолжува да биде регионот каде што новинарите можат најслободно да известуваат за настаните, нагласува таа.
Норвешка ја задржува својата водечка позиција и останува пример за следење, по што следат Естонија и Холандија, забележува Репортери без граници.
На дното од рангирањето се Кина, Северна Кореја и Еритреја, кои се рангираат на 178-мо, 179-то и 180-то место, соодветно.
Според рангирањето, медиумите и новинарите се соочуваат со „проблематична“, „тешка“ или „многу сериозна“ ситуација во три четвртини од 180-те оценети земји.
„За прв пат, ситуацијата е ‘тешка’ на глобално ниво“, нагласува организацијата, наведувајќи ги како пример строгите економски ограничувања што ги воведе претседателот Доналд Трамп во Соединетите Американски Држави.
Далеку од Норвешка, која е на врвот на индексот деветта година по ред, Соединетите Американски Држави паѓаат за две места, на 57-мо место, зад Сиера Леоне.
Според рангирањето на Репортери без граници, ситуацијата е оценета како „добра“ само во седум земји, од кои сите седум се во Европа.
„Покрај кревката безбедносна ситуација и растечкиот авторитаризам, економските притисоци создаваат проблеми и за медиумите ширум светот“, забележаа Репортери без граници.
Германија, која минатата година беше на 10-то место, сега е надвор од првите десет поради „сè понепријателската работна средина за медиумските професионалци во земјата, особено поради нападите од крајната десница“, соопшти организацијата.
„Повеќе од половина од светското население сега живее во земји каде што ситуацијата со слободата на медиумите ја категоризираме како ‘многу сериозна’“, изјави директорката на Репортери без граници, Ања Остерхаус.
Таа забележува дека независното новинарство е трн во окото на авторитарните лидери, нагласувајќи дека ова, пак, има економски последици.
„Ако медиумите се лишени од финансирање, кој ќе ги разоткрива погрешните информации, дезинформациите и пропагандата? Поради оваа причина, покрај нашата секојдневна борба за безбедноста на новинарите, ние сме посветени и на зајакнување на економските темели на новинарството“, рече Остерхаус.
Годишното рангирање беше објавено еден ден пред Светскиот ден на слободата на медиумите, кој се слави на 3 мај.
Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници за 2025 година опфаќа 180 земји во светот.