среда, 18 март 2026
Судењето е закажано за 30 март во Основниот кривичен суд Скопје

За две недели Стојанче во судница ќе треба да каже дали чувствува вина што сопругата Ивана се фрли од балкон со ќерката во раце поради насилство

Обвинетиот Стојанче Јовановски, кој се наоѓа во притвор, на 30 март ќе седне на обвинителна клупа, каде ќе треба да се соочи со делата што му се ставаат на товар и да одговори дали чувствува вина затоа што неговата сопруга, поради насилството што го трпела, скокна од балкон држејќи ја во раце нивната 6-годишна ќерка, при што двете починаа на лице место.

Објавено на

часот

Сподели

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје неодамна поднесе обвинение против Јовановски, чија сопруга Ивана, заедно со нивната малолетна ќерка, на 2 март скокнаа од балконот на станот во висококатница во скопски Карпош.

Јовановски е обвинет за три кривични дела – телесна повреда како продолжено дело на семејно насилство согласно член 130 став 2 во врска со став 1 и член 45, загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со ставовите 2 и 1, како и за наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик.

Според обвинението и обезбедените докази, обвинетиот подолг временски период сурово и нечовечно постапувал кон оштетената, која била во положба на фактичка и егзистенцијална зависност и подреденост. Како резултат на ваквото постапување, на 2 март таа извршила самоубиство кое, според обвинителството, може да се припише на небрежност на обвинетиот.

Обвинителството наведе дека истиот ден, на повеќе локации во Скопје, при вршење семејно насилство, обвинетиот физички ја нападнал сопругата, удирајќи ја со шлаканици и тупаници и нанесувајќи ѝ телесни повреди, при што во еден момент таа изгубила свест. Дополнително, на паркингот зад Основниот кривичен суд Скопје, ѝ упатил сериозни закани дека ќе го загрози нејзиниот живот и тело, со што кај неа предизвикал чувство на страв, несигурност и загрозеност.

Во обвинението се посочува дека насилството било континуирано и се одвивало во нивниот дом, но и на јавни места и пред сведоци, често во присуство на нивната малолетна ќерка. Обвинетиот ја омаловажувал и ѝ се заканувал дека ќе ја избрка од домот и ќе ѝ го одземе детето.

На критичниот ден, по нов бран психичко и физичко малтретирање на повеќе локации, жената се вратила во станот заедно со ќерката, со намера да се спакува и да го напушти домот. Побарала да се качи сама со детето, но обвинетиот инсистирал да оди со неа и продолжил со закани. Во еден момент сведок го оттурнал обвинетиот и заедно се симнале пред зградата, оставајќи ја оштетената сама да се спакува.

Сепак, како што наведува обвинителството, долготрајното насилство и случувањата од тој ден ја довеле жената во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв, безнадежност и чувство на безизлезност, поради што, без да може разумно да управува со своите постапки, скокнала од терасата на станот од шестиот кат, држејќи го во раце своето малолетно дете.

Дополнително, во обвинението се наведува дека во ноември 2022 година обвинетиот издејствувал оштетената да му го отстапи својот идеален дел од станот со договор за дар, со тоа што таа и детето требало да продолжат да живеат таму. По стекнувањето на сопственоста, тој започнал со психичко и физичко малтретирање, кое во текот на 2025 година прераснало во сурово и нечовечко постапување.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, поради опасност од бегство и можност да продолжи со вршење насилнички кривични дела.

Редакцијата на МКД.мк објави сведоштво на сесетка која по настанот раскажа дека долго се слушале врисоци во станот на сега починатата Ивана и нејзината ќерка Катја.

Ги објавивме и потсетивме на имињата на Танкица Младеновска, Емилија Пешева, Росица Коцева, Ивана и Катја Јовановски… Но, ова не се само имиња и презимиња, ова се жртви на семејно насилство, човечки судбини чиј последен здив се должи на пропусти на институциите. Овие жени, а меѓу нив и едно дете, не добија право на сигурен и безбеден живот, на насмевка, на среќа, на мир, на ден исполнет со радост, туку само крици во кои се гушеле со денови, месеци, години, ама никој не ги слушнал, односно ги слушнале, ама доцна, кога нивните животи веќе згаснаа.

Единствена што се спаси од канџите на насилникот беше Павлинка Иловска, Пале од Велес, која на тепањето на најзиниот насилен партнер одговори со убоди од нож и го усмрти. Пале доби ослободителна пресуда бидејќи доказите покажаа дека таа убиството го извршила во миг кога се борела за својот живот. Едно по друго, случаите што завршува со насилна смрт на жени секогаш имаа претходница на пријави за семејно насилство.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ