Според неа, насилството врз жените и семејното насилство претставуваат сериозно кршење на човековите права и еден од најраспространетите облици на родово базирано насилство. Тоа не е само лична трагедија на жртвите и нивните семејства, туку проблем со сериозни општествени последици, па затоа институционалната реакција мора да биде навремена, координирана и ефикасна.
Во своето излагање јавната обвинителка Тополова – Исајловска се осврна на предизвиците што во досегашното постапување по дела од областа на семејното насилство ги предизвикуваа старите законски решенија со кои за одредени кривични дела постоеше можноста за повлекување на предлогот за кривично гонење од оштетените во текот на постапката.
Од почетокот на 2024 година до денес во јавните обвинителства евидентирани се 1.715 постапки за телесна повреда сторена при семејно насилство, при што 798 постапки биле запрени поради повлекување на предлогот за гонење од жртвата.
„Токму затоа последните измени на Кривичниот законик од јануари 2026 година претставуваат значаен исчекор напред. Со оваа промена државата испраќа јасна порака: насилството во семејството не е приватна работа, туку прашање на јавен интерес и одговорност на институциите“, нагласи јавната обвинителка, појаснувајќи дека со измените на јавниот обвинител му се овозможува да го преземе гонењето по службена должност и да постапува и во ситуации кога жртвата, поради страв или зависност, се повлекува од кривичниот прогон.
Изминатите неколку дена јавните обвинителства добија задолжение да ги согледаат предизвиците со кои се соочуваат при гонењето на овој вид кривични дела, при што речиси сите укажуваат на првиот проблем, а тоа е недостаток на пријави и информации од центрите за социјална работа, односно неадекватно идентификување на проблемот од оние кои први го осознаваат семејното насилство на терен.
„Една несоодветна реакција од почеток, на крајот може да има трагични последици“, додаде Тополова – Исајловска, која се осврна и на последниот трагичен случај во Карпош што е актуелен деновиве.
„Во објавата на извештајот за извршениот инспекциски надзор во Центарот за социјални работи во Скопје, ресорното Министерство информираше дека се утврдени недостатоци и неправилности во постапувањето во случајот. По ваквата информација секако дека Јавното обвинителство има должност и ќе испита, меѓу другото, и дали во ваквите неправилности има елементи на кривично дело“, додаде таа.
В.д. државната обвинителка нагласи дека предизвик до сега беше и благата казнена политика, бидејќи условните осуди во кои јавното обвинителство најчесто само со жалба успеваше да обезбеди заштитен надзор не се адекватна санкција за прекинување на постоечкиот тренд на раст на вакви кривични дела.
Тополова – Исајловска ја нагласи и важноста на соработката со невладините организации, напоменувајќи дека Јавното обвинителство има воспоставено соработка со повеќе организации, меѓу кои и Хелсиншкиот комитет, а активно учествува и во националните механизми и платформи за заштита на жртвите.
„На крајот, би сакала да нагласам една едноставна, но суштинска порака: кога жртвата молчи од страв, институциите мора да знаат да ја слушнат. Кога жртвата се повлекува од притисок или зависност, системот мора да биде доволно силен да ја заштити. Најсилната порака што можат да ја испратат институциите е дека секоја жена има право да живее без страв и насилство – и во домот, и во општеството“, рече Тополова – Исајловска.
МИА






