четврток, 18 декември 2025

За девет месеци Алкалоид продал стока за 246 милиони евра, а инвестирал и 15 милиони евра

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – септември 2025 година продажбите на Алкалоид достигнале 10.180.866.920 денари, што е за 2 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнале 15.191.149.664 денари, што е за 7 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година, соопштија од компанијата.

Објавено на

часот

Сподели

Според податоците на Алкалоид, во 2024 година остварен е раст од 14 отсто, што ги надминале првичните проекции и претставува значително зголемување во однос на планираното за 2024 година.

„Ваквиот исклучителен резултат во 2024 година постави висока основа за тековната година, при што моменталниот раст е умерен, но е во согласност со предвидената динамика. Во споредба со планираните продажби за првата половина од 2025 година реализираните се поголеми за два отсто“, велат од Алкалоид.

Што се однесува до продажбата по региони, од компанијата велат дека консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 17 отсто во споредба со првите девет месеци од минатата година.

„Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 35 отсто се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 отсто се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27 отсто, во земјите од Источна Европа се остварени 19 отсто, а во земјите од Западна Европа се остварени 18 отсто од вкупните консолидирани продажби“, информираат од Алкалоид.

Најголем пораст кај извозните пазари пак, во споредба со минатата година, се забележани при продажбите остварени во Австрија, кои се зголемени шест пати, во Холандија, каде што се зголемени 5,5 пати, во Шведска, каде што се зголемени четири пати, во Финска, каде што се зголемени 3,5 пати, како и во Малта и Јужна Африка каде што продажбите се зголемени за два пати. Потоа следуваат оние во Исланд (раст од 83 отсто), Португалија (раст од 59 отсто), Ирска (раст од 45 отсто), во Грузија (раст од 40 отсто), Казахстан (раст од 29 отсто), Полска (раст од 23 отсто), во Германија (раст од 19 отсто), Босна и Херцеговина (раст од 14 отсто), Ерменија (раст од 13 отсто)…

„Во периодот што следува очекуваме кумулативните пласмани на странските пазари да ги надминат минатогодишните“, велат од Алкалоид.

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91 отсто. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 23 отсто, препаратите ОТЦ со 18 отсто, невролошките препарати со 13 отсто, кардиолошките препарати со 12 отсто од вкупните консолидирани продажби…

„Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со девет отсто во вкупните консолидирани продажби, односно хемија учествува со два отсто, козметика со шест отсто, а билкарство учествува со еден отсто. Вкупните продажби бележат пораст кај сегментот фармација, додека во сегментот хемија, козметика и билкарство  се на исто ниво во споредба со остварените во истиот период од 2024 година. Сегментот фармација бележи раст од седум отсто, хемија раст од 20 отсто, козметика пад од два отсто, а билкарство намалување од 14 отсто. Намалувањето на продажбите во сегментите козметика и билкарство во голема мера се должи на намалените и ограничени цени и маржи на речиси целото портфолио во Македонија, Србија и во Црна Гора кои беа на сила во одреден период од годината“, објаснуваат од компанијата.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2025 година изнесуваат 929.289.935 денари.

Анализираните податоци покажуваат дека единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.546.860.903 денари, бележи зголемување од околу осум отсто, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.531.839.773 денари и е зголемена за седум отсто.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.771.616.825 денари и бележи раст од 11 отсто, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.487.454.694 денари е зголемена за осум отсто.

При извршувањето на оперативните активности, компанијата Алаклоид АД Скопје ангажирала повеќе од 1.000 домашни добавувачи.

Во периодот јануари – септември 2025 година во Алкалоид биле реализирани 46 нови вработувања во Македонија. Со одлука на Управниот одбор, во март 2025 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 44.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата Алкалоид брои 2.996 вработени, од кои 2.251 се во земјава, а 745 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

Од компанијата информираат дека акциите на Алкалоид котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата.

„Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2025 година се движеше од 24.000,00 до 31.099,00 денари или просечно 27.334,92 денари за една акција, што претставува раст од 31,7 отсто во споредба со просечната цена на акцијата во истиот период од 2024 година. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со Друштвото и на генералниот тренд на движење на глобалните и на регионалните берзи. На 30 септември 2025 година акциите на Алкалоид беа во сопственост на 6.395 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 36,9 милијарди денари. На 1 април 2025 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2024 година во износ од 901.752 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2025 година започна исплатата на дивидендата во износ од 630 денари бруто, односно 567 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2024 година е поголема за 16,67 отсто во однос на исплатената дивиденда од акција за 2023 година“ соопштија од Алкалоид.

Според бизнис-планот за 2025 година, донесен со одлука на Управниот одбор на седницата одржана на 27 декември 2024 година, предвидено е инвестирање на околу осум отсто од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од осум отсто на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2024 година, како и раст од седум отсто на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2024 година.

Од компанијата велат дека бизнис-планот за 2025 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот.

„Околностите и настаните во 2025 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот“, велат од Алкалоид.

Оттаму нагласуваат дека трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, продолжи и во 2025 година.

„Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од глобална трговска војна може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти. Очекуваме во 2025 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти“, нагласуваат од Алкалоид АД Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ