Во пријавата пишуваше дека има сомневања за непреземање на соодветни мерки за спречување на загадувањето на животната средина и природата, како и за сомневање за злоупотреба на службената позиција, непридржување кон прописите за заштита на животната средина и овозможување на спроведување на други незаконски дејства од повеќе државни органи и нивните одговорни лица. Депонијата е на територијата на Општина Шуто Оризари на потегот накај Визбегово, во непосредна близина на црквата Свети Атанасиј и хотелот Њу стар. Пријавата е поднесена против општините Шуто Оризари и Бутел, против Град Скопје, Министерството за животна средина, МВР, ЈП Комунална хигиена Скопје, Владата на Македонија и други институции и одговорни лица.
„Пријавените не преземаа мерки за да го спречат загадувањето од 31 октомври 2018 со што се создадоа услови за ширење на низа ризици по здравјето на луѓето. Постојат сериозни сомневања за злоупотреба на службената положба, непридржување кон прописите за заштита на животната средина и овозможување на спроведување на други законски дејства. Се фрла отпад од секаков вид ури и кабли, а потоа се пали“, пишуваше во пријавата.
ДКСК утврди дека нема елементи за натамошно постапување по предметот затоа што постапил надлежен орган и била отстранета состојбата поради која е поднесена пријавата. Одлука е донесена на 9 април 2021 година.
Пред пет дена МВР соопшти дека бил приведен е сопственикот на отпадот за старо железо во Визбегово каде изби голем пожар. Во пожарот едно лице е повредено и однесено в болница за укажување лекарска помош. „На 9 јули во 9.16 часот во СВР Скопје е пријавено дека на отпад за старо железо има пожар односно дека горат хаварисани возила, на кои имало монтирано плински уреди и се слушаат детонации од истите. Досега нема зафатено приватен имот, куќи. Се преземаат мерки за гасење на огнот и расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
Јавен обвинител издаде наредби за целосно испитување на причините за настанување на пожарот во Визбегово и евентуалната предизвикана опасност врз животот и телото на луѓето, имотот или врз животната средина, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје.
Во гасењето на пожарот покрај скопската Пожарна вклучен беше и „ер тракторот“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) кажаа дека пожар се шири и има ризик за проширување кон околните површини, а опасно е бидејќи во близина се наоѓаат станбени куќи. Од ЦУК информираа дека му билон укажано на градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш дека ако се процени ќе има потреба за евакуација на населението кое се наоѓа во тој реон.