Обвинителството сметало дека овие полициски службеници може да се гонат за друго кривично дело односно за злоупотреба на службена положба, бидејќи нивните овластувања не биле за проверка на противпожарни мерки туку за проверка на сообраќајна безбедност на објект и постоење на доволно паркинг места за кабарето „Пулс“.
При истрагата, утврдено е дека ослободените полициски службеници изготвиле согласност за објектот, но според Законот за угостителска дејност „произлегува дека дека во конкретниот случај, тие требало да извршат проверки само во делот дали биле исполнети условите за заштита на јавен ред и мир и безбедноста во сообраќајот“, стои во одлуката на обвинителот кој ја спроведуваше истрагата.
Дел од осомничените беа во притвор еден месец, по што добија други поблаги мерки за обезбедување кои се укинати.
Со истрагата за Пулс опфатени се уште 20-тина други полициски службеници, а сите беа осомничени за делото предизвикување на општа опасност. По истото кривично дело веќе почна првото судење со 35 обвинети и 3 обвинети правни лица. Меѓу обвинетите, покрај сопствениците на Пулс, се и тројца градоначалници на Кочани, двајца екс министри, повеќе поранешни директори и раководители на инспекциски тела, како и припадници на обезбедувањето на кабарето.
Во пожарот во Пулс, на 16-ти март лани, загинаа 62-ца, а над 210 беа тешко повредени.






