Според првичните сознанија на Обвинителството, 63-годишникот најпрво го убил својот внук од сестра и неговиот син, поради семејни недоразбирања и нерасчистени имотни прашања. По извршување на делото, мотивите за двојното убиство ги објавил на една социјална мрежа, а потоа се самоубил.
„Таткото и синот отишле во куќата на вујкото на улицата Стеван Апостолоски околу 15 до 16 часот. Освен вујкото немало никој друг во куќата. Инаку, претходно вујкото му ја препишал куќата на внукот. Не се знае што се случувало наредните часови само се знае дека таткото и 12-годишниот син биле убиени со пиштол пред да стигне полицијата околу 22 часот. Ова е утврдено зашто соседите слушнале истрели“, вели јавниот обвинител Стевчо Биноски за МИА.
Сопругата на убиениот викнала полиција откако се загрижила што со часови ги немало нејзиниот сопруг и син. Полицијата пристигнала пред куќата околу 22 часот и кога се обидела да влезе, убиецот им фрлил бомба која полуексплодирала, но, не предизвикала никакви повреди.
„Полицијата ја ангажираше единицата тигри која потоа околу еден часот по полноќ влезе во куќата и ги најде трите мртви тела“, вели јавниот обвинител Стевчо Биноски.
Обвинителот издал наредба за обдукција на починатите, како и за прибирање на сите траги, оружје и муниција пронајдени на лице место кои ќе бидат предмет на вештачење.
Од Министерството за внатрешни работи ја потврдија трагедијата во Прилеп што се случила синоќа околу 22 часот.
„На 12.07.2025 во 21:20 часот во ОВР Прилеп 43 годишната К.Ч. од Прилеп пријавила дека од семејниот дом излегле нејзиниот сопруг П.Ч. и нејзиниот 12-годишен син и истата изјавила дека е можно да отишле во куќата на нивниот роднина 62 годишниот П.Ѓ. од Прилеп. Од страна на полициски службеници била извршена проверка во домот на П.Ѓ. но никој не ја отворил вратата. По наредба од јавен обвинител, полициски службеници со употреба на сила ја отвориле вратата и кога влегле во куќата едно лице фрлило бомба кон нив која почнала да чади, но не експлодирала. Откако полициските службеници излегле од куќата, било пукано кон нив, при што од полициските службеници било возвратено со пукање од службено оружје кон куќата. Денеска (13.07.2025) во 01:35 часот од страна на лекар од Итна медицинска помош констатирана била смрт како последица од повреди од огнено оружје кај П.Ч., П.Ѓ. и 12-годишниот малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се наведува во соопштението на МВР.






