среда, 9 април 2025

Врховниот суд утре треба да пресече за предметот Скопски пазар

Утре Врховниот суд на Македонија ќе расправа за предмет за кој скопскиот Апелациски суд донел пресуда според која секој имател на акции во македонските акционерски друштва може да биде гонет за каква било одлука на Собранието на акционери.

Објавено на

часот

Сподели

Се работи за случајот со акциите на поранешниот директор на „Скопски пазар“ Сашо Давитковски, а во кој е замешан и актуелниот управител во таа компанија, Младен Дамев, сопруг на Весна Дамева, член на Судскиот совет, а поранешна претседателка на ова тело. Дамева поднесе оставка од претседателката функција, но сѐ уште важи за една од најмоќните фигури во институцијата Судски совет која во македонското правосудство има апсолутна моќ да поставува, унапредува или казнува судии.

На утрешното рочиште по итна постапка Врховниот суд ќе расправа по жалба на обвинетите за пресудата во предметот кој е вреден 700 илјади евра, а се суди за настани од пред речиси 20 години. За овој предмет, врвни правни експерти за трговско право и делот на правото на акционерски друштва тврдат дека не смеел воопшто да почне да се суди. Според нив, иако законот никаде не предвидува дека некој акционер може да биде повикан на одговорност за начинот на кој гласал на Собрание на акционери, во овој предмет се случува токму тоа – сопственик на акции да биде осуден за гласање во Собранието на акционери што е надвор од секоја законска и логичка норма.

Ако утре Врховниот суд ја потврди пресудата на Апелацискиот суд на Скопје, блокираните 700 илјади евра на обвинитетите поранешни акционери на „Скопски пазар“ ќе отидат кај сегашните доминантни сопственици на компанијата, „Современ дом“ од Прилеп на Ацо Дудловски и „ЗСФ ком“ на познатиот градежник Фатмир Етеми кои поседуваат над три четвртини од компанијата.

Со пресудата на апелација меѓу другото обвинетите се товарат дека како членови на Собранието на акционери донеле одлука на штета на друштвото Скопски пазар.

Ако пресудата утре се потврди, тоа ќе значи дека во иднина секој македонски акционер ќе може да одговара за гласање на Собрание на акционери.

Со ова, велат експертите, се загрозуваат не само правата на акционерите, туку генерално се загрозува и системот на акционерство затоа што во иднина ретко кој ќе сака да купува акции знаејќи дека може да биде прогонуван за одлуки во кои може да немал никакво влијание.

ВД претседателот на Врховниот суд Џемали Исени беше именувам пред две недели на оваа позиција, а за таа одлука гласаше и Весна Дамева, како член на Судскиот совет.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ