Судијките Наташа Савовска Димитровска, Роза Георгиева (кои се разрешени) и Јетмире Ајдини Бошњаку (парична казна) беа членови на судечкиот совет во случајот Телеком и ја преиначија одлуката. Тие упатија жалба на одлуката на РСС за разрешување и за парична казна. Причината за парична казна за Јетмире е фактот дека таа соработувала и била на некој начин свиркач за предметот. РСС констатираше низа неправилности во постапката, меѓу кои и фалсификувани записници, докази кои не биле во списите на првостепената постапка…
На интернет страницата на Врховниот суд објавено е дека формирани се три совети кои утре ќе постапуваат по жалбите. Советот за Наташа Савовска Димитровска ќе заседава утре во 10 часот, за Роза Георгиева во 11,30 часот, а за судијката Јетмире Ајдини Бошњаку за во 13 часот.
Во меѓувреме и Основното јавно обвинителство ја забрзува истрагата за случајот, откако министерот Александар Николоски, како претставник на државниот удел во Македонски телеком, го пријави случајот во оваа институција. Еве што од ОЈО изјавија минатата недела за овој предмет:
„Во предметот се преземени повеќе дејства и испитани се повеќе лица. Воедно прибавен е целокупниот предмет за граѓанската постапка, како и други докази. Прибавена е и одлуката на Судскиот совет. по однос на постапувањето на судиите во конкретниот случај. Се преземаат и други дејства во предистражна постапка, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука. Во меѓувреме, по предлог на јавниот обвинител, Судот определи мерки за привремено запирање на извршување определни финансиски трансакции. Јавното обвинителство постапува со приоритет во сите предмети во кои се утврдени сомневања за кривични дела, независно од својството на потенцијалните осомничени лица“.
Се работи за предметот во кој Телеком треба да исплати оштета од четири милиони евра на фирма од Штип, а за овој предмет Основното јавно обвинителство (ОЈО) почна предистражна постапка. ОЈО ја започна постапката откако министерот за транспорт и врски Александар Николоски го испрати предметот за натамошно разгледување бидејќи државата има дел од сопственоста на Телеком.
Апелацискиот суд донесе пресуда во корист на фирмата Фокуснет од Штип. Но, откако Судскиот совет ја разгледа оваа пресуда, заклучи дека има низа прекршувања и недоследности, дека имало два записника во Апелација од кој едниот бил лажен. Судскиот совет утврди одговорност на судијките на Апелацискиот суд Скопје, а OJO отвори предмет и се води предистражна постапка за можните неправилности при донесувањето на пресудата.
Се работи за спор стар 20 години покренат од интернет провајдерот Фокуснет против Телеком.
Владата е сопственик во Телеком на 35% од уделот.
А.Д.