понеделник, 15 декември 2025

Врховниот суд молчи за одговорноста на судиите во случајот Фокуснет против Телеком

Со цел информирање на јавноста за постапките за кои постои зголемен интерес, Врховниот суд обезбедува информации, притоа внимавајќи на законски предвидената обврска за доверливост на постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд во смисла на член 61 од Законот за Судскиот совет, во услови кога не постои барање на судијата или претседателот на судот, постапката да биде јавна. Ова е штуриот одговор што го доби МКД.мк од Врховниот суд, кој меѓу другото го прашавме, какви одлуки донел судот во врска со жалбите поднесени од Наташа Савовска Димитровска, Роза Георгиева и Јетмире Ајдини Бошњаку, судијки кои го водеа случајот Фокуснет Штип против Телеком за кои Судскиот совет донесе одлуки првите две да ги разреши од функцијатата, а третата да ја казни со парична казна.

Објавено на

часот

Сподели

Истражувајќи ја вистинитоста на информациите за овој случај, МКД.мк до Врховниот суд упати уште низа други прашања на кои одговор не добивме. А, не добивме одговор на прашањата какви одлуки донел Врховниот суд во врска со жалбите на судијките Наташа Савовска Димитровска, Роза Георгиева и Јетмире Ајдини Бошњаку, а се однесуваат на нивното разрешување односно на паричната казна, за која судијка и од кои причини е одложено донесувањето на една од трите одлуки, зошто Врховниот суд на својата веб страница не ги објавил донесените одлуки кога од донесувањето на две од одлуките до денеска се поминати повеќе од седум дена. Освен ова, МКД.мк го праша Судот дали е точна информацијата дека Врховниот суд предметите во врска со жалбите на трите судијки ги испратил во Судскиот совет и ако е точно тогаш по која основа е тоа направено.

Кој, кого штити меѓу судска власт?

Но, наместо одговори на овие прашања МКД.мк доби само еден штур одговор дека утврдувањето на одговорност на судија или претседател на суд во смисла на член 61 од Законот за Судскиот совет е тајно.

„Со цел информирање на јавноста за постапките за кои постои зголемен интерес, Врховниот суд обезбедува информации, притоа внимавајќи на законски предвидената обврска за доверливост на постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд во смисла на член 61 од Законот за Судскиот совет, во услови кога не постои барање на судијата или претседателот на судот, постапката да биде јавна“, одговорија од Врховниот суд.

А, членот 61 од Законот за Судски совет на кој се повикуваат од Врховниот суд предвидува дека постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд се поведува во рок од шест месеци од денот на осознавање на сторената повреда, но не подоцна од три години од денот на сторувањето на повредата.

„Постапката е итна и од доверлив карактер, се води без присуство на јавноста и со почитување на угледот и достоинството на судијата или претседателот на судот при што се води сметка за заштита на личните податоци на судијата или претседателот на судот согласно со прописите за заштита на личните податоци. По барање на судијата или претседателот на судот, Советот ќе одлучи постапката да биде јавна. По барање на судијата или претседателот на судот, на седницата може да присуствува и претставник од Здружението на судии“, се наведува во членот 61 од Законот за Судски совет.

Од Врховниот суд нема одговор каква врска има овој член со прашањето на МКД.мк, а тоа е какви одлуки донеле во врска со жалбите на трите судијки. Дали жалбите се прифатени или се одбиени како неосновани.

Останува отворено и прашањето зошто одлуките не се објавени на веб страницата на судот исто онака како што е објавена одлуката за судијата Андреј Димовски кој се жалеше пред Врховниот суд во врска со начинот на избор на судии од Основниот граѓански суд Скопје во Апелацискиот суд Скопје.

Според Деловникот за работа на Врховниот суд, сите одлуки на Врховниот суд се објавуваат на вебстраницата на Судот.

„Јавноста во работењето се обезбедува со објавување на одлуки на Судот и поважни податоци во врска со работењето на Судот на веб-страницата, со доставување на службено соопштение преку средствата за јавно информирање, одржување конференции за медиумите, како и со издавање на билтени и на друг начин.  Сите одлуки на Врховниот суд се објавуваат на вебстраницата на Судот. За одлуките на Судот за кои постои интерес во јавноста, Судот дава соопштенија за јавноста. Соопштението за јавноста го составува портпаролот на Судот, а го одобрува претседателот на Судот или лицето што тој ќе го овласти. Судиите не смеат јавно да го изнесуваат своето мислење во врска со предметот по кој се одлучува во Судот“, пишува во Деловникот за работа на Врховниот суд.

„Жешкиот костен“ повторно во рацете на Судскиот совет

Освен Врховниот суд, сѐ никој не знае каква ќе биде судбината на трите судјки кои постапуваа во случајот Фокуснет против Телеком.

Во случај Судот да ги прифатил жалбите на судијките, тогаш Судскиот совет повторно ќе треба да се изјасни и да донесе конечна одлука, односно да ја потврди или да ја преиначи првичната одлука.

„На ден 9 јули 2025 година се одржаа седници на сите три жалбени совети формирани од страна на Општата седница на Врховниот суд, по три жалби од судии на Апелацискиот суд Скопје. Во два предмети е донесена одлука, а еден од предметите е одложен за 3 септември 2025 година”, ни одговорија од Врховниот суд без при тоа да кажат какви одлуки донеле и зошто еден од предметите е одложен за септември.

Од Судскиот совет не добивме одговори на поставените прашања, но Советот претходно одлучи да ги разреши судијките Наташа Савовска Димитровска и Роза Георгиева,  а Јетмире Ајдини Бошњаку да ја казни парично.

Причина за ваквите одлуки на Судскиот совет била констатираните незаконитости во постапката во случајот Фокуснет Штип против Телеком. Од Советот утврдиле дека во овој случај постојат фалсификувани записници, а најдени биле и докази кои ги нема во списите на Основниот суд кој ја донел првостепената пресуда во корист на штипската фирма. Судскиот освет уште констатирал дека пресудата со која се преиначува првостепената одлука била донесена без одржување на јавна расправа, што е спротивно на Законот за парнична постапка.

По 20 години судски спор Обвинителството отвори истрага

Да не беше министерот за транспорт Александар Николоски кој го пријави, кој знае кога и дали обвинителството ќе отвореше истрага за овој случај.

„Во предметот се преземени повеќе дејства и испитани се повеќе лица. Воедно прибавен е целокупниот предмет за граѓанската постапка, како и други докази. Прибавена е и одлуката на Судскиот совет. По однос на постапувањето на судиите во конкретниот случај се преземаат и други дејства во предистражна постапка, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука. Во меѓувреме, по предлог на јавниот обвинител, Судот определи мерки за привремено запирање на извршување определни финансиски трансакции. Јавното обвинителство постапува со приоритет во сите предмети во кои се утврдени сомневања за кривични дела, независно од својството на потенцијалните осомничени лица“, информираше Јавното обвинителство.

Во 2001 година Фокуснет и Македонски Телеком склучиле договор за изнајмување на интернет капацитети, договор кој бил раскинат од страна на Телеком поради неисплатени обврски на Фокуснет. По долгогодишен судски спор, Основниот граѓански суд Скопје  ја одбил тужбата на штипската фирма против Телеком откако утврдил дека се работи за фирма без имот, без основни средства, без приходи, со еден вработен и со блокирани средства. По жалбата на Фокуснет, Апелацискиот суд Скопје ја преиначила одлуката на првостепениот суд и пресудила во корист во корист на штипската фирма која од Телеком бара отштета од четири милиони евра.

И.О.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ