петок, 30 мај 2025

Врховниот суд доби тројца нови судии, избрани и уште десетина други во судовите низ Македонија

Членовите на Судскиот совет денеска на седница ги избраа Зоран Димитриевски и Татјана Дуковска за кривични судии на Врховниот суд. Димитиревски и Дуковска се судии од Апелацискиот суд Скопје. На седницата беше избрана и Маја Маркова за граѓански судија на Врховниот суд, но не се изврши избор на кандидатите Јетмир Ајдини Бошњаков, Наташа Савовска Димитровска од Апелацискиот суд Скопје и на Рафиз Идризи од Апелацискиот суд Гостивар.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираше на почетокот на седницата претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, Судскиот совет објави оглас за избор на шест судии на Врховниот суд, и тоа три судии за граѓанска област и три судии за кривична област, објавен во Службен весник. Како што рече, по спроведената постапка, од страна на Комисијата при Советот, поднесен е извештај со конечна ранг листа на кандидатите.

Известителот и претседателот на Комисијата, Павлина Црвенковска рече дека листата кандидати за судии во кривичната област е составена од двајца кандидати Зоран Димитриевски и Татјана Дуковска, судии на Апелационен суд Скопје.

Членот Весна Дамева побара изземање при изборот на кривичните судии во Врховниот суд, од причина што двајцата кандидати, Зоран Димитриевски и Татјана Дуковска суделе во предмет против оштетената фирма во која директор е сопругот на Дамева.

По однос на останатите кандидати за избор на судии, Маја Маркова, Јетмир Ајдини Бошњаков, Наташа Савовска Димитровска и Рафиз Идризи, Весна Дамева побара да се поништи огласот и итно да се распише нов оглас.

„Заради одредени околности кои што постојат, сметам дека денес не постојат услови за избор на граѓански судии. Дали во ваква ситуација денес може да се спроведе реален и објективен избор. Станува збор за унапредување на судии во највисокиот суд во државата. Јас нема да го дадам мојот глас во овој момент и во овие околности за ниту еден кандидат, бидејќи лично сметам, доколку се спроведе изборот, истиот нема да биде објективен“, рече Дамева.

Претседателот на комисијата, Павлина Црвенковска посочи оти смета дека не постојат законски пречки да се изврши избор на судиите.

„Сметам дека не постојат законски пречки за ние денеска да извршиме избор по оваа ранг листа, освен за одредени судии за кои што постојат околности, кои ние не можеме јавно да ги изразиме, но тоа не значи дека тоа е пречка да не извршиме избор“, рече Црвенковска.

Претседателот на Судскиот совет, Камбовски го стави предлогот на членот Весна Дамева за поништување на огласот за избор на тројца судии на Врховен суд во граѓанската област, по што двајца членови гласаа за, а 10 гласаа против. По ова, продолжи изборот на кандидатите.

Не се изврши избор на кандидатите Јетмир Ајдини Бошњаков, Наташа Савовска Димитровска од Апелационен суд Скопје и Рафиз Идризи од Апелационен суд Гостивар. Кандидатите не добија гласови според бадентеровото правило, поради, како што наведоа дел од членовите кои гласаа против, недостиг на интегритет и кредибилитет.

Исто така, членовите на Судскиот совет на денешната седница ги избраа Наташа Андреева за судија на Основен суд Велес, Дерим Полиси за судија на Основен суд Струга, додека Емилија Борисавлевиќ Александровска, Јасна Ушковска,  Звезда Илиеска, Елена Лукарева, Марко Кржаловски, Софче Китанова Проданов, Маја Гроздановска беа избрани за судии на Основен граѓански суд – Скопје.

Александра Адеми, Берниса Рахиќ, Ирена Јаниќ, Роберт Митевски, Билјана Тодоровска, Сулејман Сулејмановски, Сибил Сефејдинова, Фатус Јусуфи и Фитим Лога се избрани за судии на Основен кривичен суд – Скопје.

Членовите денеска со 12 гласа за го избраа Мирослав Георгиевски за претседател на Основен суд Кратово.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ