петок, 6 јуни 2025

Врховен суд ја укина пресудата против Васил Јованов за трговија со дрога

Врховниот суд ја укина пресудата на Апелациониот суд Скопје против Васил Јованов со која тој беше осуден на три години и 10 месеци затвор за кривичното дело поседување и трговија со наркотици и предметот го врати на второстепениот суд на повторно постапување и одлучување.

Објавено на

часот

Сподели

Пресудата за ова дело Кривичниот суд ја зема како отежнителна околност при одмерувањето на висината на казната на Јованов при вчерашното изрекување на казна затвор од 12 години, врз основа на признание на вина за делото тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот за сообраќајката во која ја прегази Фросина Кулакова.

Советот за казниви дела при Врховниот суд одлуката ја донел на седница одржана на 7 мај годинава, една недела пред објавувањето на пресудата на Основниот кривичен суд Скопје за прегазувањето на Фросина Кулакова во јануари годинава на булеварот Партизански одреди во Скопје.

„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на ден 07.05.2025 година, донесе пресуда КВП2-43/25, со која го уважи барањето на осудениот В.Ј. од Скопје, за вонредно преиспитување на правосилната пресуда  поднесено преку бранителот Панче Нефтенов, адвокат од Скопје, ја укина пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-1047/24 од 05.02.2025 година и предметот го врати на второстепениот суд на повторно постапување и одлучување“, објави Врховниот суд.

Апелациониот суд Скопје во февруари годинава ја одби како неоснована жалбата на Васил Јованов за претходното дело, а жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје ја уважи и го преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција – изречената заводска мерка Упатување во воспитно-поправен дом и го осуди на единствена казна затвор во траење од три години и десет месеци.

Дваесет и едногодишниот Васил Јованов на 29 јануари годинава, управувал возило пежо 207 без возачка дозвола и под дејство на алкохол, при што удрил во 22-годишната Фросина Кулакова на булевар Партизански одреди, која починала на лице место.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ