понеделник, 8 декември 2025

Времето истекува, новиот судија во Стразбур ќе почека на изборот

Сѐ додека Државната комисија за спречување на корупцијата и судир на интереси (ДКСК) не одлучи дали има судир на интереси помеѓу членови на времената Комисијата за селекција на пријавените кандидати, тогаш нема да може да бидат избрани тројца од 11 кандидати за избор на македонскиот судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.

Објавено на

часот

Сподели

Откако Владата го поништи првиот избор на пријавени кандидати за избор на судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, постапката се дозаплетка во лавиринтите на правниот систем. Сѐ додека Државната комисија за спречување на корупцијата и судир на интереси (ДКСК) не одлучи дали има судир на интереси помеѓу членови на времената Комисијата за селекција и пријавените кандидати, тогаш нема да може да бидат избрани тројца од 11 кандидати за избор на судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Сомнежите за судир на интереси, дамка врз селекцијата на кандидатите

Последна во низата пријави до ДКСК е онаа против директорката на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), Ирина Трајкоска Стрезоски во која меѓу другото пишува дека таа како директорка на оваа акедомија има судир на интереси при оценката на нејзниот заменик Илир Исени кој е еден од кандидатите за избор на судија во судот во Стразбур.

„Пријавената Ирина Трајкоска-Стрезоски противправно го прикрила фактот дека еден од пријавените кандидати за избор на судија во судот во Стразбур, судијата Илир Исени, е актуелен заменик-директор на Академијата за судии и јавни обвинители ‘Павел Шатев’ каде што пријавената ја врши функцијата директор, односно во нејзино отсуство како директор ја заменува судијата Илир Исени, кој врши работи од надлежност на директорката Трајкоска Стрезоски што таа ќе му ги довери, а припаѓаат во делокруг на работни задачи на директорот. Со несовесно постапување при вршење на дискреционото овластување и прикривање на наведените факти и без да се изземе од процесот на селекција на кандидати меѓу кои е нејзиниот заменик судија Илир Исени, пријавената се довела во состојба на очигледен судир на интереси, предизвикала штета што се состои од тоа што овозможила привилегирано учество на кандидатот судија Исени во однос на другите кандидати што биле повикани на интервју, како и предизвикала штета врз угледот на Република Северна Македонија пред домашната јавност и меѓународните претставници – акредитирани амбасадори и дипломатски претставници, нарушувајќи ги начелата на објективност, транспарентност и фер услови на спроведената постапка на селекција на кандидати“, пишува меѓу другото во пријавата во која имаше увид МКД.мк.

За Трајкоска Стрезоски пак, дилеми нема. Таа тврди дека судир на интереси помеѓу нејзе и нејзиниот заменик судијата Илир Исени, нема. Трајкоска Стрезоски и претходно беше член на Комисијата за селекција чиј избор на кандидати за судија во судот во Стразбур, Владата го поништи, но тогаш пријава за судир на интереси против неа немаше.

„Заменик директорот на Академија не го бира дикреторот туку Управниот одбор така што сметам дека нема судир на интереси со заменикот директор Исени. Тој беше пријавен и на претходниот оглас, па во таа постапка воопшто не беше покренато прашањето за судир на интереси, а околностите не се променети. Јас ниту како член на комисијата ниту како директор на Академијата немам никаков приватен интерес што може да влијае врз моето непристрасно и објективно постапување и одлучување во постапката“, вели Трајкоска Стрезоски за МКД.мк.

Сепак, извори од комисјата за МКД.мк велат дека Трајкоска Стрезоски иако не се иззела од постапката за оценување на Исени, таа за време на интервјуто, јавно се откажала од поставување прашања на нејзиниот заменик.

Освен Исени меѓу селектираните 11 кандидати е и судијата на Апелациониот суд Гостивар Али Алиу, кој е член на Управниот одбор на Академијата.

Ова не е прв пат до ДКСК да пристигне пријава за судир на интереси прврзани со членови на комисијата која ги селектира кандидатите за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Претходно таква пријава беше поднесена против претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски кој воедно претседава и со времената Комисија за селекција на кандидати за судија во ЕСЧП во Стразбур. Со пријавата се спори тоа што Костадиновски не се изземал од одлучувањето на првата селекција за кандидати иако деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Сашо Георгиевски кој е кандидат за судија во судот во Стразбур му бил ментор и за магистерскиот труд и за докторска дисертација на Костадиновски.

Поради ова, Костадиновски предложил да биде изземен но членовите на Комисијата не го прифатиле неговиот предлог.

Комисијата соопштија дека ќе ја чекаат одлуката на Антикорупциската комисија, па ќе се одлучуваат кои ќе бидат тројцата кандидати што ќе се испратат во Советот на Европа кој треба да избере еден од нив за нов македноски судија во ЕСЧП во Стразбур.

„Претседателот на Комисијата, Дарко Костадиновски ги извести членовите за двете претставки упатени до ДКСК за потенцијален судир на интереси помеѓу претседателот на комисијата и еден од кандидатите од селектираната листа за интервјуа, за којашто дознал од медиумите, како и за двете претставки упатени до комисијата. По образложување на аргументите и фактите во смисла дека во конкретниот случај не може да стане збор ниту за пристрасност ниту за потенцијален судир на интереси, предлогот за изземање на претседателот Костадиновски не беше прифатен од членовите на комисијата. Резултатите од спроведените интервјуа ќе се достават до Експертскиот панел на Советот на Европа откако ДКСК ќе одлучи по приговорите. На интервјуата, со цел зголемување на транспарентноста и непристрасноста во постапката беа поканети и присуствуваа Дарко Аврамовски од Коалицијата ‘Сите за правично судење’ и Бојана Божиновска-Силјановска од Македонско здружение на млади правници. Комисијата ги разгледа и пристигнатите приговори на кои ќе биде одговорено соодветно“ соопштија оттаму.

Токму ова е причина зошто работата на Комисијата за селекција на кандидатите е во привремен застој.

Од ДКСК за МКД.мк потврдуваат дека до нив пристигнале три пријави за судир на интереси, но не кажуваат кој ги поднел пријавите.

„До Државната комисија за спречување на корупцијата се доставени три пријави со исти наводи, кои се споени во еден предмет, за кој ќе биде донесена одлука на јавна седница на ДКСК“, велат од Антикорупциската комисија за МКД.мк.

Оттаму не можат да потврдат кога би била донесена одлука во врска со пријавите за судир на интереси.

„Во тек е прибирање информации од надлежните институции за да се проверат наводите од пријавите“, велат од ДКСК.

Од 20 пријавени, првиот филтер го поминаа 11 кандидати и тоа судијката Оља Ристова од Апелацискиот суд, поранешната уставна судијка Наташа Габер Дамјановска, судијата Али Алиу, членот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, адвокатите Тони Менкиноски, Јордан Апостолски, Наташа Бошкова, Јелена Ристиќ и Ана Дангова, заменик-директорот на Академијата за судии и јавни обвинители Илир Исени како и деканот на на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Сашо Георгиевски.

Постапката за интервјуирање е без утврдени правила

Постапката за интервјуирање на кандидатите за избор на судија во ЕСЧП во Стразбур е без утврдени правила за поставување на стандардизирани прашања или соодветна проверка на познавањето на странски јазик, интревјуата траат долго, посоти недостаток на унифицирана методологија за спроведување на интревјуата како и недостатокот на искуство со спроведување на ваков процес, вели за МКД.мк Дарко Аврамовски извршен директор на Коалицијата „Сите за правично судење“ која е дел од порцесот на селекција на кандидатите, но само како набљудувач, без право на одлучување.

„Се забележаа слабости во планирањето на самиот процес, поради што интервјуата се одвиваа со големи временски задоцнувања, различно времетраење по кандидат и без утврдени правила за поставување на стандардизирани прашања или соодветна проверка на познавањето на странски јазик. Долгото траење на интервјуата предизвика очигледен замор кај членовите на комисијата и потреба истите поинтензивно да се консултираат со писмените материјали или стручна литература додека кандидатите одговараат. Недостатокот на искуство со спроведување на ваков процес, недостигот на унифицирана методологија за спроведување на интервјуата, како и перцепциите за недоволна професионална подготовка на дел од членовите на Комисијата доведе до разлики во пристапот на интервјуирање, од формално испитување до дијалог и конструктивна дебата, како и воочливи разлики во квантитетот и квалитетот на поставените прашања, што веројатно ќе го отежни процесот на оценување, споредување и рангирање на кандидатите. Во таа насока, прашањата беа неконзистентни и се движеа од основни факти, ирелевантни прашања, шпекулативни или премногу општи теми, до конкретни прашања за востановена практика и стандарди на ЕСЧП за различни тематски области“, вели Аврамовски.

Аврамовски потврдува дека на состанокот било истакнато дека е покрената постапка пред ДКСК во врска со постоење на потенцијален конфликт на интерес, меѓутоа комисијата одлучила процесот да биде спроведен пред конечната одлука на ДКСК, а ранг листата да биде изготвена откако Антикорупциската комисија ќе донесе одлука. .

„Ваквата состојба укажува на тоа дека не постојат востановени, јасни и конзистентни правила за препознавање и решавање на конфликт на интерес во овие постапки“, вели Аврамоски.

Како позитивни забелешки во процесот на селекција на кандидатите, аврамосвски ги издвојува, поканата до независни набљудувачи како чекор кон поголема транспарентност и јавна контрола на процесот.

„Сепак мора да се има предвид дека поканата за набљудувачи дојде како ад хок иницијатива на комисијата која го спроведува процесот, а не како резултат на системска заложба за унапредување на транспарентноста. Така, самото вклучување на набљудувачи е важен сигнал дека постои волја да се зголеми транспарентноста, но потребно е тоа да биде суштински и долгорочен пристап, а не само формален чекор кој ќе зависи од волјата на комисијата. Атмосферата на интервјуата беше коректна и достоинствена, а членовите на Комисијата ги третираа кандидатите со почит и без видлива пристрасност или нетрпеливост“, вели Аврамовски.

Како конечен заклучок, потенцира Аврамовски, може да се каже дека процесот на интервјуирање бил спроведен во коректна и достоинствена атмосфера, но со очигледни организациски и методолошки слабости што можат да влијаат врз квалитетот и довербата во конечната ранг листа на кандидатите.

„Поради ова, особено е важно да се воспостави јасна процедура со унифицирана методологија за спроведување на интервјуата, стандардизирани прашања, бодовен систем и обврска за јавно и транспарентно спроведување на целиот процес, со јавно достапни биографии на кандидатите, информации за кандидати кои не ја поминале прелиминарната фаза на селекција, како и образложување на индивидуалните оцени или конечната ранг листа“, дециден е Аврамовски.

Транспарентноста е клучот за независен избор на судија

Според основните норми на Советот на Европа, постапката за избор на судија во ЕСПЧ предвидува дека секоја држава-членка подготвува листа од три кандидати, а судиите се избираат од стране на Парламентарното Собрание на Советот на Европа.

Во препораките за независноста на судството се содржани принципи што се однесуваат на назначувањето и кариерата на судиите кои треба да се врзуваат врз објективни критериуми, мерит систем, квалификации и интегритет. Дополнително, во документите на Советот на Европа се наведува дека процедурите за назначување судии треба да бидат транспарентни, и да се обезбеди независно тело кое ќе одлучува или ќе дава препорака, само врз основа на критериуми, без политички или лични влијанија.

Во Водичот на Комитетот на министри на Советот на европа од 2012 година се наведува дека кандидатите мора да имаат висок морален карактер, да поседуваат квалификации за висок судски службеник или да бидат признати правни експерти.

„Националните постапки на државите-членки мора да ги усогласат овие стандарди кога ќе прават селекција за кандидатите“, се наведува во овој документ на Советот на министри.

Препораката на Советот на Европа е дека независни тела и советодавни комисии треба да играат клучна улога во обезбедувањето на независност при селекцијата на кандидатите. Освен ова, Советот на Европа препорачува дека при селекцијата на кандидатите критериумите мора да бидат јасни, познати, објавени и применети на евидентен начин, одлуките не треба да се темелат само на возраста или искуството, туку на квалификациите, способноста, интегритетот и ефикасноста на кандидатите. Дополнително, според Советот на Европа потребно е да постои можност за жалба, и јасна постапка при одлучување по жалбите.

Што се однеува до конфликтот на интереси Советот на Европа препорачува објавување на детални информации за кандидатите, како и јавно достапни информации за правилата според кои работи комисијата за селекција на кандидатите.

„Членови на комисијата за селекција треба да бидат избрани така што нема да постои конфликт на интерес или поврзаност со кандидати. Ако, на пример, претседател на комисијата има лични или институционални врски со кандидат, тоа ја намалува довербата и ја нарушува независноста. Комисиите треба да работат со објавени правила, кој ги назначува членовите, какви критериуми се применуваат, дали членовите имаат мандат и дали можат да бидат сменети без оправдана причина. Јавноста треба да може да го следи процесот. Извештаите или записниците од изборната постапка треба да бидатјавно објавени, или барем да има отчет кој покажува дека критериумите се применети“, се наведува во препораките на Советот на Европа.

Мандатот на Јован Илиевски како судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур истекува на 1 февруари 2026 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ