„Новата Влада, во која коалицијата Вреди е активен и одговорен партнер, е цврсто посветена на исполнувањето на ЕУ агендата. Рокот од шест месеци не е само временска рамка, туку обврска која ја разбираме и почитуваме“, велат од Вреди.
Во своето соопштение, коалицијата нагласува дека, и покрај својата посветеност, реалноста во Собранието покажува дека уставните измени не можат да се спроведат без поддршка од сите политички субјекти. „Дали има 2/3 мнозинство без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ? Не, нема.
„Процесот на интеграција бара соработка, зрелост и одговорност од сите“, додаваат од Вреди.
Министрите од коалицијата подвлекуваат дека Владата има јасен план и акциски чекори за динамизирање на европскиот процес, истакнувајќи дека токму со нивната поддршка во минатото се обезбеди стартот на преговорите со ЕУ.
„Апелираме до сите политички и општествени чинители да престанат со политички манипулации на сметка на европските интеграции. Европската иднина на нашата земја мора да биде над дневните калкулации“, велат од Вреди, повикувајќи на единство и одговорност за остварување на стратешките цели на државата.






