сабота, 12 јули 2025

Вреди отвори Централен штаб за локалните избори, коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ можно во вториот круг

Коалицијата Вреди вечерва на плоштадот Скендербег во Скопје го отвори Централниот штаб за локалните избори што треба да се одржат на средината на октомври годинава.

Објавено на

часот

Сподели

Лидерите на коалицијата Изет Меџити, Биљал Касами, Арбен Фетаи и Ибрахим Зекирија, како и шефот на Централниот изборен штаб, Аднан Азизи изразија уверување дека на изборите ќе победат. На настанот, на кој присуствуваа сите функционери од централната и локалната власт, како и членови и симпатизери на партијата, беа соопштени само имињата на првите луѓе на Централниот штаб.

Изет Меџити, вицепремиер и претседател на Демократското движење, кажа дека коалицијата има ангажирано професионални агенции коишто работат на анкетирање, дека сакаат да ги дадат најдобрите и најуспешните кандидати. Особено важно за нив, како што рече, е размислувањето на народот и гласачите и затоа не се брзаат да ги објават имињата на кандидатите. Вреди, според Меџити, се отворени и за кандидати кои се надвор од партиските структури.

„Може да дојдат од бизнис заедницата, каде има врвни интелектуалци, реализирани луѓе кои ќе бидат дополнителна вредност на Вреди на овие локални избори. Ова се локални избори и главен критериум е да бидат добри менаџери кои ќе сработат во интерес на граѓаните“, рече Меџити.

Вреди за овие избори нема да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ, но може да се очекува како владини партнери тие да се поддржат некаде во вториот круг од изборите.

Меџити во обраќањето наброја, според него, повеќе постигнувања што оваа година ги направила коалицијата Вреди, а што претходно не биле направени од претходната власт од ДУИ и СДСМ. Ги спомена законот за Медресата Иса Бег кој веќе е на ЕНЕР, затворањето на онлајн-казината… посочувајќи дека тие не работат само на зборови туку систематски.

„Ве уверувам дека ова е најдобрата година за застапеност на Албанците во јавната администрација“, рече Меџити.

Вицепремиерот Изет Меџити изјави дека Вреди постигнала повеќе за една година отколку ДУИ за 22 години.

„Тие се собраа за Соравија, за лотаријата, но не и за граѓанинот. Ние правиме разлика секој ден“, рече Меџити.

Арбен Фетаи нагласи дека октомвриските избори се битка за иднината и оти Албанците се обединети против криминалот и корупцијата.

„Вреди е антитеза на оние што тргуваат со општини како на чаршија“, рече Фетаи.

Зборувајќи „за политичките предавства и непринципиелното пазарење“, Фетаи додаде рече дека двете Aлијанси се рака под рака во скутот на Али и оти тие се тука да стават крај на овој „антивредносен систем“.

Во изјава за медиумите по настанот, Биљал Касами, лидер на Беса и градоначалник на Тетово рече дека Вреди ќе понуди нов модел на раководење на општините, односно дека нема да понудат кандидати за градоначалници од црните листи, туку ќе понудат градоначалници кои ќе бидат во служба на граѓаните.

„Затоа ги повикувам сите наши активисти да се мобилизираат за тоа што овие избори се да изберат градоначалници кои ќе бидат во нивна служба, а не градоначалници кои ќе ја злоупотребат нивната позиција за да се збогатат. Затоа овие избори се многу важни. Овие избори не се важни за политичката иднина на Вреди, туку за секој граѓанин“, рече Касами.

Централниот штаб на Вреди се состои од двесте припадници и 11 сектори. Младинскиот форум е дел од штабот, Форумот на жени, а ќе биде отворен посебен штаб за организирање на иселениците.

„Не само да дојдете и да гласате, туку и да дојдете и да гласате за вашата иднина да биде тука“, рече шефот на Централниот изборен штаб на Вреди, Аднан Азизи. Негов заменик ќе биде координаторот на пратеничката група на Вреди, Беким Ќоку.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ