„Нереализирањето на цензусот во општините Гостивар и Врапчиште е најјасниот одговор на политичките акробации што со месеци се правеа во име на Албанците, но за лични интереси“, се вели во соопштението на Вреди.
Оттаму додаваат дека ова е порака пред сѐ до Арбен Таравари и до Исен Шабани, кои, според нив, погрешно процениле дека гласачите ќе ги следат во „менување на принципите како ситни пари“.
„Иако се обидуваат да најдат оправдувања, суверенот со овој потег им удри силна шлаканица на политиките на менување принципи за ситни лични интереси. Таравари отиде за шест општини, остана со четири и заврши со нула“, се нагласува во соопштението.
Арбен Таравари, лидер на Алијансата за Албанците, претходно ја напушти коалицијата Вреди и настапи самостојно на изборите, обидувајќи се да го консолидира албанскиот политички блок надвор од доминацијата на ДУИ. Неговиот потег предизвика поделби во редовите на поранешните партнери и доведе до внатрешни тензии во албанскиот политички кампус.






