Меџити во интервју за централниот дневник на Алсат М ја оцени како необјаснива и нетранспарентна одлуката на Таравари, алудирајќи дека можеби е донесена под притисок или уцена и дека не го претставува вистинскиот став на членството на Алијансата за Албанците.
„Во рамки на Алијансата на Таравари има жестока дебата, огромното мнозинство не се согласува со својот лидер за да се вратат во канџите на ДУИ и Европскиот фронт, туку ќе останат во Владата“, рече Меџити.
Тој го спомна и заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи, за кого рече дека ѝ е потребен на Владата. Воедно изрази надеж дека ќе остане на својата функција зашто „покажа транспарентност и капацитет за да управува соодветно“.
Меџити најави промени во Собранието, четворица пратеници од Европски фронт, како што рече, ќе ѝ се приклучат на Владата. Изјави и дека политичките случувања во земјава се дури на почетокот, како и дека промените во парламентарниот состав многу брзо ќе станат видливи.
„Коалицијата Вреди нема да остане само со девет пратеници, четворица пратеници од Европскиот фронт се на прагот да го напуштат тој блок и да и се приклучат на владејачкото мнозинство. Движењата почнаа. Вреди нема да биде со девет пратеници. Точно е дека четири пратеници ќе го напуштат Фронтот и ќе и се приклучат на Владата, потенцира Меџити.
Според него, позициите на Вреди во Владата се загарантирани и не зависат од бројот на пратениците.
„Застапеноста на Албанците во Владата не е условена со бројот на пратеници, туку со политичкиот договор што го има склучено коалицијата Вреди. Сите позиции што ѝ припаѓаат на Вреди во владеењето ќе останат таму, без разлика на можните промени во парламентарниот состав. Она што е на Вреди, ќе остане на Вреди. Кога ја формиравме Владата, не се водевме од бројките, туку од уделот на Албанците. Независно колку пратеници има Вреди, сите позиции ќе останат на Вреди“, подвлече Меџити.
Таравари имаше бел лист на маса за да напише колку општини сака да добие, но тој одлучи да оди сам на избори и повеќе сакаше да оди во прегратките на ДУИ. Допрва ќе видиме како неговото приклучување кон Европскиот фронт ќе влијае врз рејтингот, рече вечерва министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Како што истакна Муртезани во „Само интервју“, целта на локалните избори е владејачката коалиција да добие најмалку 50 отсто од општините за да ги порази Ахмeти и Таравари.
Тој уште еднаш кажа дека Владата е стабилна и дека сите инвестиции и промени што ги реализира ќе бидат препознаени од граѓаните.
„За нас е битно да победиме на локалните избори, да имаме мнозинство добиени општини. Според нашите проценки, тоа не е недостижно зашто стоиме убедливо добро од Липково до Тетово. Во Гостивар се менуваат односите, но тоа не значи дека ќе има многу пореметувања на национално ниво. Се создава простор да приближиме до нас и други политички актери и бизнисмени и претставници од невладиниот сектор“, истакна Муртезани.
Коментирајќи го објаснувањето на Таравари дека една од причините зошто излегол од коалицијата е застојот во евроинтеграцискиот процес, Муртезани рече дека ништо посмешно не слушнал во својата десетгодишна политичка кариера.
„На сите владини седници, особено на тие посебните не се сеќавам дека Tаравари присуствувал. Јасно е како бел ден дека тој не се тргна од Владата поради евроинтегративниот процес, а наместо да даде придонес за што имаше можност, тој одлучи да оди во прегратките на Али Ахмети“, нагласи министерот.
Муртезани нема информации, како што напомена, дека Таравари наводно поради уцени заминал од Владата.
„Сигурно е нешто големо, против својата волја, волјата на коалицијата и поддржувачите штом преземаш чекор што ќе ја потресе партијата и што ќе ти го наруши кредибилтетот. За нас е голема енигма зошто Таравари наместо да биде дел од продолжувањето на трендот на промени на оваа Влада, одлучи да се приклучи кон Ахмети“, рече Муртезани.
Не го разбирам ова што го направи, изјави претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова коментирајќи го заминувањето на Арбен Таравари од Владата и оставката од функцијата министер за здравство.
„Сите ние понекогаш менуваме став, ама ова – да не знаете навистина кој е ставот и зошто, е крајно невообичаено“, рече претседателката во интервју во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма.
Претседателката била изненадена од таа одлука на лидерот на Алијанса за Албанците затоа што, рече, како министер зборувал „со занес за реформи“ во здравство и со „страст што е потребна“ за справувањето со предизвиците по несреќата во Кочани.