Според Вреди, ревизорските наоди ја откриваат „корупцијата, некомпетентноста и криминалната неодговорност“ кои, како што наведуваат, владееле во Министерството за образование во времето на ДУИ.
Во соопштението се посочува дека 3,4 милиони евра биле потрошени за студентски дом во Тетово кој не функционира и нема основни услови за живот, додека 18 милиони евра останале неплатени студентски кредити уште од 1998 година, без обид за нивно решавање. Дополнително, 13 милиони евра биле вложени во научни книги кои, како што велат од Вреди, никогаш не биле дистрибуирани и завршиле во магацини, а 2,9 милиони евра биле издвоени за студенти во странство без стратегија за нивно враќање во земјата.
„Парите беа фрлени, младите беа напуштени“, велат од Вреди, потенцирајќи дека дел од градежните проекти започнати во 2016 година се напуштени, а за нивното завршување ќе бидат потребни дополнителни 22 милиони евра од државниот буџет.
Од партијата нагласуваат дека ова не се само административни пропусти, туку „систематска кражба и организиран криминал против образованието“.
Во соопштението се потсетува и на извештајот на Заводот за ревизија за организацијата на самитот на ОБСЕ во Скопје, во времето кога министер за надворешни работи беше Бујар Османи, кој исто така, според Вреди, укажува на злоупотреби и недостиг на транспарентност.
„Вреди бара итна истрага и кривична одговорност за сите кои злоупотребиле јавни средства. Никој не е над законот. Времето на кражба во образованието и институциите е завршено. Вреди носи крај на неказнивоста на ДУИ и почеток на вистинска одговорност“, стои во соопштението на партијата.






