вторник, 20 мај 2025

Вреди и ДУИ се скараа за Уставниот суд

Демократската унија за интеграција (ДУИ) со длабока загриженост и отворено негодување ја осудува сè поотворената политичка улога на Уставниот суд на Северна Македонија, кој не само што ја напушти својата мисија како независна институција, туку се претвори во инструмент на власта за рушење на темелите на меѓуетничката еднаквост и на Охридскиот мировен договор. ДУИ тврди дека Уставниот суд е политички инструмент против еднаквоста и Охридскиот мировен договор. Од Вреди реагираат дека ДУИ е разочарана бидејќи им пропадна планот да го поништат Законот за јазиците и со тоа да ја дестабилизираат државата.

Објавено на

часот

Сподели

Јавните изјави на Претседателот на овој суд, кои ги минимизираат меѓуетничките проблеми и ги прикажуваат како алатка за политички цели, не се само неодговорни, туку и длабоко опасни. Тие имаат за цел да го одвратат вниманието од системската дискриминација која сè уште постои и да ја прикријат институционалното потфрлување во сите области, од ЕУ до заробена држава, велат од ДУИ.

„Уставниот суд веќе не се крие зад неутралноста – тој делува како параполитички продолжеток на актуелната власт. Најавата дека одлуката за Законот за употреба на јазиците ќе биде донесена по изборите не е случајна, туку дел од добро осмислен план за привремено одржување на нивниот политички проект кај Албанците преку квазипретставници без легитимитет, за потоа да се нападнат сите постигнувања стекнати преку Охридскиот договор. Гласовите кои со месеци предупредуваа за тајна спогодба меѓу Владата и Судот за укинување на законот по изборите, сега добиваат облик на свршен чин. Овие случувања откриваат една горчлива вистина: еднаквоста и соживотот се ставени на нишан од самите институции кои треба да ги штитат. Претстојните избори повеќе не се само политички избори – тие се референдум за албанскиот јазик, за граѓанската еднаквост и за насоката во која ќе се движи нашата држава. Ќе биде ли ова држава на сите граѓани, или маскиран режим што ја користи правдата за да го задуши идентитетот и правата на Албанците? Нашиот глас ќе се слушне. Еднаквоста не се преговара. Охридскиот договор нема да се погази“, се наведува во денешното соопштение на ДУИ.

Од Вреди реагираат дека ДУИ е разочарана бидејќи им пропадна планот да го поништат Законот за јазиците и со тоа да ја дестабилизираат државата.

„Планот на Али Ахмети и Бујар Османи, преку судии именувани од нив во Уставниот суд, да го загрозат албанскиот јазик во Република Северна Македонија и да ја дестабилизираат земјата, пропадна пред да земе замав. Бујар Османи, како почетник во политиката и без кредибилитет, не успева да го сокрие своето разочарување. ДУИ беше подготвена да го жртвува албанскиот јазик само за една ниска цел: Да се врати на власт по секоја цена. Не грижете се, албанскиот јазик не е предмет на преговори! Вреди нема да дозволи ниту еден чекор назад во правата на Албанците! Лагите завршија. Две децении, ДУИ правеше работи половично, за пред очи на јавноста, манипулирајќи со албанската кауза за лични и партиски зделки. Следните локални избори веќе не се само избори. Тие се референдум за албанскиот јазик, за еднаквоста на Албанците во оваа држава и за конечно ставање печат на ДУИ како партија нон грата и како ‘организација’ на тесни лични интереси!“, реагираа од Вреди.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ