недела, 14 декември 2025

Вреди: ДУИ две децении го користеше Охридскиот договор за лични интереси

Поминаа 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, најважниот документ за обезбедување рамноправност на Албанците во Северна Македонија, но неговата нецелосна имплементација и понатаму е товар за институциите, велат од Вреди.

Објавено на

часот

Сподели

„Сите го знаеме главниот виновник – ДУИ, партијата ‘нонграта’ која беше на власт 22 години и која, наместо да го претвори Договорот во реалност, го користеше како изборен банер и банкомат за лично богатење,“ порачуваат од Вреди.

Од партијата потсетуваат дека во 2013 година тогашниот Секретаријат за спроведување на Охридскиот договор објавил тендер вреден 6 милиони денари за „анализа“ на спроведувањето на рамковниот договор. Победник, според нив, била компанија во сопственост на лице блиско до ДУИ и позиционирано во државните структури контролирани од партијата.

„Парите на граѓаните се трошеа на ‘анализи’, ‘конференции’ и ‘трибини’, создавајќи илузија за напредок. Скапо платените анализи препорачуваа мерки што ДУИ никогаш не ги спроведе – законски обврски за правична застапеност во државните компании, измена на Кривичниот законик за говор на омраза, децентрализација со реален буџет и решавање на статусот на жртвите од 2001 година,“ велат од Вреди.

Тие додаваат дека ништо од ова не станало реалност, бидејќи за ДУИ Охридскиот договор бил алатка за тендери и прикривање на неуспеси.

„Граѓаните не треба да стануваат жртви на пропагандата на партија која две децении го користеше аманетот од 2001 година за тесни лични интереси. Ние сме решени целосно да го спроведеме Охридскиот договор – не на хартија и на празни конференции, туку во секојдневниот живот на секој Албанец,“ велат од Вреди.

Како доказ за својата определба, од партијата го наведуваат усвојувањето на Законот за правична и соодветна застапеност.

„Тоа е голема политичка победа и епохална пресвртница во институционалната еднаквост – правна гаранција што става крај на 20-годишната неправда. Овој закон е печат на нова ера за Албанците и сигурност дека нашиот глас никогаш повеќе нема да биде игнориран,“ велат од Вреди.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ